Маж избоде жена со нож во градски автобус во Љубљана. Како што пренесуваат словенечките медиуми, напаѓачот ја познавал жената. Повредената жена била итно пренесена во болница, а напаѓачот е уапсен.
Порталот Сиол објави дека животот на жената не е во опасност, а напаѓачот бил задржан од други патници.
Директорот на љубљанското јавно сообраќајно претпријатие ЛПП, Петер Хорват за порталот изјавил дека на снимките од безбедносните камери се гледа како маж и жена влегуваат во автобусот на иста постојка, а потоа се движат кон делот „хармоника“ од автобусот кој што се свиткува.
– Таму младиот човек ја избодел младата жена. На видеото изгледа како да му паднал ножот. За среќа, веднаш го подигнал друг патник – го опишал инцидентот Хорват.
Тој додаде дека напаѓачот се обидел да излезе од автобусот, но друг патник го запрел, пренесува СТА.
– Некој очигледно веќе повикал полиција и го известил возачот бидејќи само неколку минути подоцна полицијата пристигнала и го уапсила насилникот – изјави Хорват.