Утре започнува собраниската седница за отворање на Уставот, ако нема двотретинско мнозинство ќе се распушти парламентот

by Фокус

Утре со почеток од 11 часот е закажана парламентарната седница за потребата од уставни измени, кои ги предложи владата согласно Договорот од Преспа, а собраниската комисија за уставни прашања се изјасни позитивно.

Во пресрет на седницата, владејачкиот СДСМ ги повика сите пратеници да ги поддржат уставните измени согласно Договорот од Преспа, со цел деблкирање на евроатланските интеграции.

-Се надеваме дека меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе преовлада определбата за реализација на стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО. Доколку одлучат да ја напуштат седницата или доколку не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, тогаш неминовно е распуштање на парламентот и распишување на брзи предвремени парламентарни избори – велат од СДСМ.

Од албанскиот партнер во владата – ДУИ се оптимисти дека ќе се обезбедат потребните гласови за уставни измени и ќе се избегнат непотребни избори.

-Сите пратеници треба да гласаат по сопствено убедување, а не според директива. ВМРО-ДПМНЕ треба да ги остави пратеници слободно да одлучат како на референдумот – посочуваат од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнуваат дека утре на координација ќе одлучат како ќе настапат на парламентарната седница, меѓутоа јасно порачуваат дека пратениците нема да поддржат уставни измени за промена на уставното име на државата, особено, нагласуваат оттаму, по неуспешниот референдум.

Инаку, доколку се постигне двотретинско мнозинство за отворање на уставот, допрва ќе започне постапката за уставни измени, при што на крајот на третата фаза потребно е е уште една двотретинска поддршка за заокружување на процесот.

Поврзани новости