Утре во 5 до 12 часот ќе се одржи шестиот Марш на толеранцијата

by Фокус 17:54
17:54

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во соработка со „Цивил“, ги поканува сите граѓани да се придружат на утрешниот, шестиот Марш на толеранцијата. Како што велат организаторите на маршот, оваа година акцентот го ставаат на правдата, слободата и еднаквоста.

Маршот ќе започне во 5 минути до 12 часот напладне, а збирното место ќе биде пред Музејот на Град Скопје. Од збирното место маршот ќе продолжи кон ул. Македонија, ул. 11 Октомври, пред Владината зграда, а потоа кон мостот Гоце Делчев , а ќе заврши пред плато пред Универзитетот на ЈИЕ.

- Advertising -

-Говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес. Последиците директно ги чувствуваат граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно се лишени од соодветно остварување на правата од здравствената заштита, образование, социјални услуги, еднаков пристап при вработување како и еднаков пристап до правда и почитување на нивната различност, се наведува во повикот за Марш.

Организаторите додаваат и дека човековите права и слободи, владеењето на правото и слободата на говорот останале да бидат само декларативни заложби на хартија.

-Меѓународниот ден на толеранција е денот кога ја искажуваме својата загриженост за ваквите сериозни нарушувања на состојбите со човековите права и слободи во Република Македонија. Затоа, апелираме до надлежните државни органи, организации, институции и општински и општествени актери да се откажат од досегашните политики и практики и да преземат итни мерки за справување со дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи во земјата, се вели во повикот.

Од Хелсиншкиот комитет и од „Цивил“ го повикаа Јавниот обвинител  Марко Зврлевски конечно да се запознае со делата сторени од омраза и да ја врши работата согласно надлежностите пропишани во закон.

-Апелираме за толеранција меѓу граѓанките и граѓаните на оваа земја, почитување на различностите и солидарноста како одговор на штетните политики на структурите на моќта.Толеранцијата е патот кој води до еднаквост, слобода и и правда. Национализмот, шовинизмот и омразата ќе донесат само хаос и деструкција, а жртви се секогаш граѓанките и граѓаните на оваа земја, истакнуваат организаторите.

Маршот на толеранцијата го организираат Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија и Цивил – Центар за слобода, а досега го поддржаа: ЛГБТИ Центар за поддршка, Национална мрежа против хомофобијата и трансфобијата, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, ХОПС – Опции за здрав живот, Х.Е.Р.А. – асоцијација за здравствена едукација и истражување, Субверзивен Фронт, Реактор – истражување во акција, ЛГБТ Јунајтед Тетово, Женска алијанса, Женска граѓанска иницијатива Антико, Фондација Метаморфозис, Младински образовен форум, Плоштад Слобода, Фондација Отворено општество Македонија.

Поврзани новости