Граѓаните утре ќе излезат на протестен марш, револтирани од смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која почина чекајќи го решението од Фондот за здравство, за да замине на операција во Турција, која чинеше само 30.000 евра. Под мотото „Црвен картон за министерот Тодоров“, граѓаните утре во 12 часот ќе побараат оставка од првиот човек во здравството Никола Тодоров, двајцата директори на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемали Мехази, како и од членовите на двете лекарски комисии.
Мирниот протест треба да започне од пред Фондот за здравство, а да заврши пред Министерството за здравство каде сите присутни ќе повикаат на одговорност за смртта на 9-годишното девојче. Нејзината смрт предизвика лавина негативни реакции по социјалните мрежи.