Додевска: Ниту сум сакала, ниту сум била на ничија партиска листа!

by fokus

Откако денеска некои провладини медиуми објавија дека новинарката Анета Додевска била таа за која зборува Љубе Бошкоски на снимката што ја објави Сител, со демант се јави самата новинарка. Додевска вели дека ниту некогаш била, ниту сакала да биде на нечија партиска листа, а уште помалку дека некој воопшто разговарал со неа на таква тема.

Водителката и уредничка на емисијата „Индекс“ на А1 телевизија, на својот профил на Фејсбук демантира секаква поврзаност со таквите разговори.

„Би сакала да информирам за следново: Во објавената снимка за Љубе Бошковски, тој зборува дека новинарот и водител на емисијата „Индекс“ ќе биде втор на изборната листа во ИЕ4. Никогаш, потенцирам НИКОГАШ не сум била на ничија партиска листа.

Во случајов се работи за грешка односно забуна околу имињата, односно на снимката се зборува за друго лице, Анета Василева која, како што може да се види од кандидатската листа, е на второ место во ИЕ4. Во прилог ја објавувам и кандидатската листа од ИЕ4. Со ова ја демантирам веста објавена на неколку медиуми и очекувам демантот да биде објавен“, пишува Додевска.

Медиумите што ја објавија веста, со чесни исклучоци воопшто не ја ниту контактирале Додевска, за да се уверат во кажувањата. Наместо тоа, очигладната забуна со имињата беше искористена да се спинува ситуацијата.

 

Поврзани новости