Новинарскиот пленум излезе со осуда на физичкиот напад на вицепремиерот Пешевски врз Саше Политико и најави дека утре во 11 часот ќе одржи протест пред Владата.
-Во револт и заштита на правото на вршење на професијата и слободно движење во јавниот простор, Новинарскиот пленум утре излегува на протест пред Владата во 11 часот и ги повикува сите други колеги и граѓани да се приклучат, стои во соопштението од Пленумот.
Новинарскиот пленум бара и оставка од вицепремиерот Пешевски и кривична одговорност.
-Ваквиот сериозен испад на Пешевски зборува за неговото ниво на политичка и општа култура и склоност кон насилно поведение, неспоиви со носител на висока функција во Владата, па затоа нужно е тој да понесе политичка и кривична одговорност. Сметаме дека ова физичкото насилство на вицепремиерот е континуитет на владината стратегија за пресметка со неистомислениците, се вели во соопштението.
Новинарскиот пленум апелира до Владата, премиерот и неговата партија да се дистанцираат од овој, како што велат тие, насилен, антицивилизациски и недмократски акт на Пешевски.
-Новинарите кои не учествуваат во пропагандата поддржана со јавни пари се долго време игнорирани од официјалните институции во обид да се дискредитира нивната работа. Дополнително, тие се цел на пропагандата која ги етикетира и ја омаловажува нивната работа. Ова е само продолжување на таквата стратегија со тоа што сега веќе е доведена во прашање физичката безбедност на новинарите и луѓето кои делуваат во медиумскиот простор, реагираат од Пленумот.