Утре пресуда за Кичеец кој призна вина во „Рекет“

by fokus

Пресудата за Зоран Милевски Кичеец ќе биде објавена утре, откако денеска на судењето за случајот „Рекет“ призна вина.

По неговото признание доказите кои се однесуваа на него се издвојуваат од предметот и не се изведуваат пред судот.

-Со оглед дека обвинетиот ја призна вината се докажа дека го сторил делото. Предлагам судот да му изрече казна ценејќи ги сите олеснителни и отежителни околности, рече Русковска, пред да се одлучи за казната.

Неговиот адвокат Александар Новаковски рече дека очекува условна казна за неговиот клиент.

-Се соочивме со ситуација во која обвинетиот кој како сведок можел да го избегне обвинението, но може од незнаење, се довел во ситуација да биде обвинет. Од тој момент истиот не бил соработник со обвинителството, иако се шпекулираше. Откако се донесе одлуката за обвинение, првата негова цел беше да каже сето она што го знае, рече Новаковски, кој додаде дека обвинетиот е татко на пет деца и досега не е осудуван.

Кичеец, инаку, низ годините важи за близок соработник на Орце Камчев, поради што и тешко се прифати предавството од страна на бизнисменот.

Кичеец се гонеше за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, а за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Судењето за Бојан Јовановски и Катица Јанева кои се изјаснија за невини ќе продолжи на 6 декември, кога е предвидено да сведочат Камчев и неговата сопруга Ана Камчева.

В.В.

Поврзани новости