Утре почнува пријавувањето за реонски попишувачи и инструктори

by Fokus

Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати
Државниот завод за статистика информира дека утре ќе биде објавен Конкурсот за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и инструктори.

Конкурсот ќе биде објавен во 4 дневни весници, како и на веб-страницата www.Popis2021.stat.gov.mk каде што од утре во 8:00 часот ќе биде активна и апликацијата за електронско пријавување.

Од Државниот завод за статистика ги повикаа сите заинтересирани, како и сите оние кои се пријавија на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од пописниот тим, кој во септември треба да го спроведе долгоочекуваниот попис на населението.

-Придонесот на секој еден од нас во пописните активности претставува придобивка за сите. И како директни учесници во спроведувањето на Пописот и како даватели на податоци – придонесуваме за креирање на една прецизна слика на состојбите во државата во точно определен момент. Оваа прецизна слика ќе овозможи донесување на издржани политики, базирани на најнови податоци, со кои ќе се планира развојот на секое поле од живеењето и работењето, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.

Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати.

Поврзани новости