На ден пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори претставници на партиите денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.
Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април.
Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарните избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори.
Владата на вчерашната седница одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.
Владината одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.
Караваните на претседателските кандидати продолжуваат и денеска.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го објави Вториот извештај од мониторингот на медиумското претставување за Претседателските и Парламентарните избори, за периодот од 8 март до 3 април 2024 година.
Мониторингот ги опфати програмските сервиси на девет национални програмски сервиси – МРТ1; МРТ2; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести и ТВ 21-М, со фокус на прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот што се поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.