Утре итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради насилството во Појасот Газа

by fokus

Советот за безбедност на ОН утре ќе одржи итен состанок зад затворени врати за да разговара за најновата ескалација на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад во Појасот Газа, соопшти палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур.

Состанокот е на иницијатива на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), членка на Советот за безбедност на ОН, заедно со Кина, Франција, Ирска и Норвешка, се наведува во соопштението на директорката за стратешки комуникации на МНР од Емиратите, Афра Махаш ал-Хамели.

„Обединетите Арапски Емирати ја нагласија потребата да се врати мирот во Појасот Газа, да се намали ескалацијата и да се зачуваат цивилните животи“, рече таа, додавајќи дека Абу Даби „изразува длабока загриженост поради сегашната ескалација и повикува на максимална воздржаност за да се спречи вовлекување во нови нивоа на насилство и нестабилност“.

На утрешната средба членовите на Советот за безбедност ќе разговараат за најновите случувања и како да се „поддржат меѓународните напори за постигнување сеопфатен и праведен мир“, објавија израелските медиуми.

Одлуката за средбата е донесена неколку часа откако палестинската мисија во ОН им се обрати на членките на Советот за безбедност на ОН и ги повика, како што се наведува во соопштението на кабинетот на палестинскиот амбасадор, „да ги преземат (своите) одговорности за да ја запрат израелската агресија врз палестинскиот народ во Појасот Газа и да обезбедат меѓународна заштита за палестинскиот народ“.

Поврзани новости