Почина жената од Неготино која беше крвнички претепана од партнерот!

by fokus 12:46
12:46

Во тек на вчерашниот ден во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје почина 46-годишната жена од Неготино, која беше претепана од страна на нејзиниот партнер П.Н. (51) во раните утрински часови на втори август. Таа од тогаш беше во кома поради тешките повреди и се бореше за живот.

Според д-р Маја Мојсова, раководителка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, жената кај нив била донесена со многу тешки повреди на мозокот и черепот.

-Пациентката кај нас беше донесена во кома. Стануваше збор за многу тешки повреди на мозок и на череп и веднаш беше оперирана, изјави за ,,Фокус” д-р Мојсова.

Неготино е во шок од настанот. Жртвата беше мајка на две полнолетни деца, а со П.Н. од Неготино била во врска подолг период. Според информации од СВР Велес, во домот во кој живееле тој врз неа извршил насилство и ја удирал со боксови по главата.

Настанот бил пријавен во полиција од страна на дежурниот лекар од Итната медицинска помош Неготино, по што насилникот бил лишен од слобода во 03.35 минути од страна на полициски службеници од ПС Неготино. Во итната помош пак, настанот го пријавил П.Н..

Од СВР Велес за ,,Фокус” велат дека П.Н. никогаш во минатото не бил пријавуван во полиција за било какви закани или пак физичко насилство, како од страна на жртвата, така и од поранешни партнерки.

Насилството врз жените во Македонија е актуелен проблем кој никако не може да се искорени, и покрај сите кампањи кои се спроведуваат. Според истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство.

Во земјава нема стандарди и процедури за реинтеграција на жените жртви на родово, односно семејно насилство кои решиле да го напуштат насилниот партнер. Финансиските проблеми, како и немањето на свој кров над глава се едни од најголемите проблеми со кои се соочуваат жртвите, и се најчесто причина многу од нив да останат покрај насилникот.

По трагедијата која се случи во Неготино, повторно се отвораат прашањата дали во земјава имаме доволно родово одговорни политики.

Дали жртвите ја добиваат потребна помош и поддршка, како што е привремено домување, финансиска помош наменета за жртви на насилство, помош при вработување, или пак можности за обука и образование во различни области, со цел жртвата да може да започне самостоен живот, подалеку од насилникот, се теми кои се актуелизираат секогаш, откако веќе ќе се случи трагедија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости