Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со еден воздржан глас го усвои Статутот на Универзитетот сообразен со новиот Закон за високото образование, соопшти ректорот Никола Јанкуловски.
-Во постапката за негово донесување претходеа опсежни дискусии на факултетите и научните институти чии забелешки и предлози во најголем дел беа прифатени, да потоа и од страна на Ректорската управа од 33 присутни Статутот беше прифатен само со еден глас воздржан. Во текот на Сенатската седница, за поднесените амандмани се водеше расправа и се гласаше за секој амандман поединечно, и интегралниот текст, со еден глас воздржан, беше изгласан од 60 сенатори. Се заблагодарувам на целата академска јавност за активното учество и конструктивниот придонес во изготвување на текстот на Статутот на нашиот Универзитет. Со тоа УКИМ ја покажа својата хомогеност и обединетост при одлучувањето за стратешките прашања на Универзитетот, вели Јанкуловски.