Уставноправни аспекти на вонредната состојба

by Fokus

Пишува Драган АЛЧИНОВ

Појавата на пандемијата на вирусот КОВИД-19 веќе започна да предизвикува сериозни економски и политички последици. Сите земји членки на ЕУ, земјите-кандидати за членство и останатите земји во Европа прогласија вонредна или кризна состојба со цел да го забават ширењето на вирусот. Но, имајќи предвид дека кризите се гориво на популизмот во Европа, кризата која го зафати континентот ќе има далекусежни последици врз засилувањето и радикализацијата на популистичките сили, а со тоа и директно влијание врз либералната демократија и човековите права. Ваквиот развој на настаните веќе почна да се наѕира со жестоката реторика против Брисел, најавите за ,,распад на ЕУ’’, фаворизацијата на национални наместо европски решенија и опасностите од злоупотреба на механизмите на вонредната состојба.

На 18 март 2020 година, Претседателот Пендаровски на предлог на Владата на Република Северна Македонија прогласи вонредна состојба согласно чл. 125 ст. 2 од Уставот. Вонредната состојба овозможи побрзо дејствување на државните органи и воведување на построги мерки за заштита од вирусот. Но, воведувањето на строги мерки кај нас создаде сосема очекуван револт кај дел од граѓаните, а напливот на лажни вести и теории на заговор имаат за цел создавање недоверба и делегитимизација на државните институции- со што дополнително се зголемува револтот поради ограничувањето на човековите и граѓанските права и слободи. Овој текст има за цел да ги разгледа уставноправните аспекти на вонредната состојба со цел да одговори на некои од основните прашања и дилеми кои се покренуваат во врска со истата.

Прогласувањето вонредна состојба е едно од најконтроверзните прашања во науката за уставното право. По својата дефиниција вонредната состојба значи привремена суспензија на начелото на поделба на власта и концентрирање на државната моќ во рацете на извршната власт во смисла на трансферирање на легислативната власт од парламентот кон владата, а од друга страна и ограничување на човековите и граѓанските права и слободи. Целта на суспендирањето на начелото на поделба на власта и концентрирањето на државната моќ во рацете на егзекутивата е забрзување на дејствувањето на државните органи, додека ограничувањето на човековите и граѓанските права и слободи се презема согласно потребите за отстранување на заканата која ја предизвикала вонредната состојба.

Во оваа смисла, вонредната состојба е ,,привремена диктатура’’ и претставува ,,помало зло’’. Вонредната состојба се воведува за и правно да се овозможи превземањето на вонредни мерки кои не се возможни при ,,нормална’’ состојба. Таа претставува доброволно (иако непосакувано), свесно и привремено суспендирање на делови од уставноправниот поредок да не би дошло до целосно и трајно уривање на истиот. Нејзината цел е само една- враќање на нормалноста и на нормалниот правен поредок. Тоа е нејзината прва и единствена цел и сите мерки кои се преземаат треба да бидат насочени само и единствено кон враќање на нормалноста и правниот поредок. Оправдувањето е во гореспоменатата максима од римското право дека ,,Salus rei publicae suprema lex est’’ односно ,,Добросостојбата на државата е врховниот закон.’’

Поради можностите за злоупотреба на уставниот инструмент вонредна состојба, истата е регулирана на национално и интернационално ниво. Над 90% од уставите ја регулираат вонредната состојба, а многу значајно е дека Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права определуваат во кои случаи државите можат да прават отстапки од утврдените човекови и граѓански права. Дополнително, Париските стандарди ги утврдуваат минималните стандарди за човековите права во услови на вонредна состојба. Сите споменати регулативи определуваат и листа на човекови и граѓански права кои не можат да се ограничат во време на вонредна состојба. Со тоа, условите за воведување на вонредна состојба, самата постапка на нејзиното воведување, времетраењето, правата и слободите и мерата во која истите можат да бидат ограничени се регулирани. Сево ова со цел да не дојде до злоупотреба на еден таков опасен инструмент.

Случаи во кои може да се прогласи вонредна состојба

Поради можностите кои ги пружа вонредната состојба, уставите и меѓународните конвенции определуваат во кои случаи може да се воведе истата. Членот 125 од Уставот на Република Северна Македонија определува дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права дозволуваат преземање мерки кои отстапуваат од обврските кои произлегуваат од Конвенциите ,,во случај на општа опасност која го загрозува животот на нацијата’’. Притоа, опасноста треба да биде актуелна или иминентна. Државите не може да воведуваат вонредна состојба поради некоја ,,теоретска’’ или замислена закана- заканата треба да биде актуелна или нејзиното остварување треба да биде актуелна или иминентна. Државите не може да воведуваат вонредна состојба поради некоја ,,теоретска’’ или замислена закана- заканата треба да биде актуелна или нејзиното остварување треба да биде извесно за да може да се прогласи вонредна состојба и да се преземаат мерки со кои се ограничуваат човековите и граѓанските права и слободи. Затоа, од уставноправен аспект оправдано е пролонгирањето на прогласувањето на вонредната состојба во Република Северна Македонија се’ до оној момент додека не стана јасно дека заканата од епидемијата е реална и бројот на заболени веќе започна да се зголемува.

Постапка за прогласување на вонредна состојба

Но, прогласувањето на вонредна состојба не се донесува по автоматизам- самото настанување на природна непогода или епидемија не значи автоматско воспоставување и на вонредна состојба, односно фактичката вонредна состојба не значи и правна вонредна состојба. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба е секогаш политичка одлука која вообичаено се носи со квалификувано мнозинство од вкупниот број пратеници. Членот 125 од Уставот определува одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба да се донесе со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, при што овластени предлагачи се претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Доколку Собранието не може да се состане (како што во конкретниот случај смета претседателот на Собранието), тогаш одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката, со тоа што Собранието ќе треба истата да ја потврди кога ќе биде во можност да се состане. Ваквата постапка за донесување на одлуката за прогласување на вонредна состојба значи дека Уставот бара широк општествен и политички консензус по однос на прашањето за постоење на условите за прогласување на вонредна состојба, како механизам за заштита од злоупотреба на истата. Иако Собранието не се состана за да прогласи вонредна состојба согласно Уставот, сепак фактот дека претставниците на сите парламентарни политички партии дадоа јавна поддршка за прогласувањето на вонредната состојба сведочи дека постои широк политички консензус за истата.

Времетраење на вонредната состојба

По правило интенцијата е вонредната состојба да трае кратко, само онолку колку што е неопходно за отстранување на заканата која ја предизвикала истата. Вонредната состојба не смее да добие неограничено времетраење, зашто така вонредната состојба би станала ,,новата нормалност’’, односно новото фактичко уставно уредување. Затоа, уставите определуваат максимално времетраење на вонредната состојба, при што секоја дополнителна екстензија на вонредната состојба треба да биде потврдена од парламентот. Така на пример, во стариот Рим вонредната односно воената состојба била временски ограничена- назначувањето на диктатор не можело да трае повеќе од шест месеци. Притоа најголемо достигнување било доколку именуваниот диктатор успеал за што е можно пократко време да го врати назад суверенитетот назад кон Сенатот и римскиот народ. Во историјата на Римската република останува забележано дека диктаторот Цинцинати ја извршувал својата функција само 15 дена, по што се вратил да работи на својата фарма- и со тоа претставува пример за висока граѓанска доблест. Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека одлуката со која се потврдува постоењето на вонредна состојба да има важност од најмногу 30 дена. Токму затоа претседателот Пендаровски побара пред истекот на овој рок Владата да поднесе извештај за преземените мерки- што би било образложение за евентуално продолжување на вонредната состојба.

Човековите права и слободи во време на вонредна состојба

Иако вонредната состојба значи привремена суспензија на начелото на поделба на власта и концентрирање на легислативната моќ во извршната власт, сепак тоа не значи целосна дерогација на Уставот и законите. По својата природа вонредната состојба бара примена на вонредни мерки за справување со заканата- мерки кои би биле недозволиви во нормална состојба; но, вонредните мерки не значат истите се неограничени. Начелото на владеење на правото продолжува да важи и во вонредна состојба. Членот 126 став 1 од Уставот определува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Притоа, Уставот и меѓународните конвенции иако даваат можност за ограничување на правата и слободите на човекот и граѓанинот во време на вонредна состојба, истовремено определуваат и листа на човекови и граѓански права и слободи кои не можат да бидат дерогирани во време на вонредна состојба. Ставовите 3 и 4 од членот 54 на Уставот изрично забрануваат ограничувањето на слободите и правата да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба и да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповеста. Дополнително, меѓународните конвенции бараат ваквите ограничувања да бидат ,,строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата’’ (чл. 15 ЕКЧП, чл. 4 МПГПП).

Заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото во време на вонредна состојба

Особено важно е да се запази пропорционалноста на мерките затоа што вонредната состојба и мерките кои се преземаат треба да претставуваат ,,помало зло’’ и за да не се случи ,,лекот да биде поштетен од болеста’’. И покрај сите горенаведени регулативи опасноста од пречекорување на границите на пропорционалноста секогаш постои- особено затоа што во вонредна состојба самата итност на ситуацијата побарува донесување мерки во брза постапка без постоење на вообичаените процедури. Ниту еден меѓународен или уставен механизам не може детално да ги предвиди сите ситуации кои можат да настанат и затоа регулацијата на вонредната состојба останува релативно лабава, како би се обезбедил доволно простор за дејствување. Вонредната состојба и можностите за злоупотреба кои истата ги нуди ќе бидат привлечни особено за земјите кои веќе од претходно бележат тенденции кон илиберализам и популизам. Токму затоа експертите на ООН за човекови права, Советот на Европа, Европската Комисија и голем број други меѓувладини и меѓународни невладини организации упатија барање мерките кои државите ги преземаат за справување со КОВИД-19 да бидат пропорционални, да се преземаат само оние мерки кои се неопходни и да се применуваат на недискриминаторски начин со цел истовремено да се заштити јавното здравје, но и владеењето на правото и човековите права. Тие повикаа рестрикциите кои ќе се преземат поради вирусот да бидат во насока на заштитата на јавното здравје, а не во насока на сузбивање на политичките неистомисленици. Затоа значајно е дејствувањето на Владата и мерките кои се донесуваат да останат во рамките на Уставот и во постојана комуникација со граѓаните и граѓанските организации. Важно е да се нагласи и дека во вонредна состојба политичките партии, уставните судови, медиумите и стручната јавност остануваат активни, а нивната улога како коректив на власта станува уште поважна отколку во мирнодопска состојба. Поради ова, сите овие фактори треба активно да се ангажираат и да придонесат во заштита на правата и слободите на човекот и граѓанинот, но и во целта на вонредната состојба- што побрзо враќање на нормалноста и редовниот правен поредок.

 

Поврзани новости