Уставните измени мора да се случат, децидни се Ковачевски и Груби

by Fokus

Власта и опозицијата продолжуваат со реториката за тоа дали има или нема и како ќе се стаса до доволно гласови во Парламентот за уставни измени.

И премиерот Димитар Ковачевски и првиот потпретседател на Владата Артан Груби се децидни дека уставни измени мора да има бидејќи единствена алтернатива за Северна Македонија е Европската Унија. Груби, пак, кажа и дека се разговара со пратеници и лидери на партиите од опозицијата за поддршка во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ возврати повикувајќи уште следната недела да се гласа за уставни измени ако тие ги имаат потребните гласови, но доколку тие не поминат во Парламентот, Ковачевски да си поднесе оставка.

Премиерот Ковачевски во интервју за РТС го повтори ставот дека алтернативата на Северна Македонија е во Европската Унија, исто како и стремежите на Албанија и на Србија, иако процесот и времетраењето на самиот процес од 17 години го намали кредибилитетот на Унијата во Северна Македонија.

Првиот потпретседател во Владата, Артан Груби пак изјави дека уставните измени мора да се случат, бидејќи без нив Северна Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред и од овој процес апсолутно најголем добитник е македонскиот народ во РСМ. Посочи дека проевропското крило во опозицијата е во подем во Собранието и оти ќе даде поддршка за уставните измени и дека веќе има контакти и комуникација со пратениците и со претседателите на политичките партии за, како што рече, начин на којшто и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска иднина на земјата.

-Сакам да појаснам дека уставните измени не дека ќе се случат, мора да се случат. Без уставните измени Македонија е во регрес. Без уставните измени Македонија е во статус кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ.

И тоа со прифаќање на самиот бугарски народ којшто имаше други претензии. Како што знаете, се до вчера. Од овој процес најголем добитник апсолутно е првенствено македонскиот народ во РСМ и сите граѓани на државата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на РСМ, изјави Груби кој вчера беше во Арачиново.

 

Поврзани новости