Власта го има потребното двотретинско мнозинство на почетокот од собраниската расправа за уставните измени, која ќе стартува денеска. Со договорот кој беше постигнат меѓу албанската опозиција (БЕСА и Алијанса за Албанците), Владата на Зоран Заев, самоуверено ќе ја започне третата и последна фаза од уставните измени.
Како што брифираат извори од парламентарното мнозинство, најверојатно последното гласање за уставните измени ќе помине со повеќе од потребните 80 пратеници. Возможно е за измените да гласаат еден или двајца пратеници повеќе. Меѓу нив најверојатно ќе биде и пратеникот Панчо Минов од ГРОМ.
Од парламентот велат дека сепак нема да има нови имиња од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои би му дале поддршка на процесот. Од партијата претходно информираа дека ќе ја бојкотираат расправата, а неофицијално известија и дека ќе ги исклучат од партијата оние кои ќе гласаат за амандманите.
Најголемата опозициска партија вчера одржа седница на Извршниот комитет, но за сега нема информации за нови одлуки. Од таму велат дека остануваат на ставот дека се против промена на уставното име, но до сега не ги поддржаа јавно протестите пред Собрание што ги организира движењето „Македонија блокира“.
М.В.