Во петокот се повтори датумот на носење значајни одлуки во Македонија, а кои предизвикуваат поделени мислења во јавноста. Уставните измени беа донесени на 11 јануари, додека на истиот датум една година претходно Собранието го усвои Законот за употреба на јазиците, пред тој да биде вратен од претседателот на државата на повторно гласање.
Откако Иванов го врати Законот назад во Собранието, парламентот повторно го донесе на 14 март, но Законот се уште не е влезен во употреба затоа што претседателот одбиваше да го потпише указот.
Вицепремиерот Бујар Османи, вели дека поклопувањето на датумите е добра случајност. Тој за телевизија Алсат-М додава дека е во план неделава Законот да излезе во службен весник и така да стапи на сила без потписот на Иванов.
–Беше добра случајност што на истиот ден, 11 јануари, беше донесен Законот за употреба на јазиците, на 11 јануари се изгласаа и уставните измени. Но, она што е уште поубаво, е тоа што очекуваме следната недела, претседателот на Парламентот да го формализира Законот за употреба на јазиците, целосно ова во рамките на законот и Уставот, со што и почнува официјалната примена на албанскиот јазик во централните институции, во целосна вертикала на државни институции. Се разбира, тука почнуваат и предизвиците за правилно, сеопфатно спроведување и имплементација на стандарден јазик – вели Османи.