Уставните амандмани подготвени, кои се следните чекори?

by fokus

Откако Владата на денешната седница го усвои Предлогот за пристапување кон промена на Уставот со цел внесување на Бугарите и останатите делови од народи во Преамбулата, сега истиот треба да го достави до Собранието. Како што брифираат владини претставници за „Фокус“, тоа ќе се случи уште денеска.

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе го добие Предлогот, тој е должен да им го препрати на пратениците, како и на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Потоа, Џафери треба да свика пленарна седница, но таа треба да биде најмалку 30 дена откако предлогот со амандманите е влезен во собраниска процедура. Со оглед дека Владата предлогот ќе го достави до Собранието денеска, Џафери ќе може да ја свика седницата најрано на 18 август.

Првата фаза би се заокружила со тоа што пратениците на пленарната седница ќе треба да ја изгласаат потребата од носењето на уставните измени. Ова гласање ќе биде клучно, бидејќи и за него е потребно двотретинско мнозинство од пратениците, нешто што во моментов власта го нема.

По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој  подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот  на  амандманите на Уставот.

Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на  нацртот на секој амандман одделно. 

Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
Потоа нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија. Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на  амандманите и рок  во кој  предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.

Третата финална фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.

К.С.Б.

 

 

 

 

Поврзани новости