Уставниот суд потсетува дека интерпелацијата не важи за уставните судии

Уставниот суд потсетува дека интерпелацијата не важи за уставните судии

by Fokus

Откако опозициската коалиција „Европски фронт“ поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, Уставниот суд јасно и недвосмислено одговори: интерпелацијата за уставните судии е противуставна и недозволена.

Во соопштението на Уставниот суд, меѓу другото, се наведува дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.

„Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии“, се наведува во соопштението на Судот.

Дополнително се нагласува дека институтот интерпелација во никој случај не може да се однесува на уставните судии, бидејќи тоа би значело губење на суштината на Уставниот суд и сериозна повреда на Уставот, со оглед на тоа што би претставувало директен упад во неговата самостојност и независност.

„Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција“, велат од Судот.

Јасно е дека секоја акција или постапка што ја надминува уставната рамка за престанок на функцијата на уставен судија е директен удар врз Уставот. Тоа не само што го крши законот, туку ја загрозува и самата суштина на самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Поврзани новости