Месеците по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ се претворија во болна и тешка битка за родителите на повредените млади луѓе. Наместо фокусирани на закрепнувањето на своите деца, тие секојдневно се соочуваат со сериозни финансиски и психолошки предизвици – борејќи се не само со последиците од несреќата, туку и со недоволно ефикасната поддршка од институциите, пишува кочанската Канал8.
Лекувањето на изгорениците е комплексно и бара континуирана терапија, специјализирани медицински материјали и чести контроли, кои за дел од пациентите се изведуваат во Скопје. Месечните патни трошоци достигнуваат и над 100 евра, а специјалните лепенки чинат од 35 до 55 евра по парче. За основните медицински материјали, некои семејства издвојуваат и до 500 евра месечно од својот џеб.
„Ветуваа покривање на трошоците за престој при лекувањето во странство, но досега ништо од тоа не е реализирано. Сѐ сами плаќаме. Мораме и работа да оставиме за да се грижиме за децата,“ вели еден од родителите.
Покрај физичките повреди, многу од повредените имаат потреба од психолошка поддршка која не е обезбедена од државата. Родителите се исцрпени, како емоционално, така и финансиски, а некои од нив ја трпат и болката од загубата на блиски.
Според Министерството за финансии, од државниот буџет досега се издвоени околу 500.000 евра, од кои 200.000 се наменети за третман во странство. Дополнително, преку Црвениот крст се собраа над 100 милиони денари. Но, семејствата велат – помошта е недоволна, нераспределена соодветно и не стигнува до сите. Медицинските експерти предупредуваат дека целосната рехабилитација ќе трае најмалку една година, а за многумина таа патека веќе е неподнослива. Родителите апелираат за поддршка – не само финансиска, туку и човечка, институционална и системска.