Уставниот суд не ја ни разгледа иницијативата поднесена од лидерот на Народното движење на Македонија Јанко Бачев, кој пред еден месец побара да се поведе постапка за утврдување на спреченост на Претседателот да ја врши функцијата.
Генералниот секретар на Уставниот суд Оливера Филиповска, одлучила дека нема потреба да се формира предмет по Иницијативата за претседателот Иванов, без воопшто да ги консултира судиите.
Ваквата Иницијатива, НДМ ја темелат врз контрадикторните одлуки на претседателот Иванов за аболицијата, за кои самиот тој одлучил дека иако противречни, сите се во интерес на државата.
-Според Иванов во интерес на државата треба да има аболиција. Подоцна, според претседателот Иванов во интерес на државата не треба да има аболиција. При иста реалност во земјата, Иванов не може да распознава што значи интерес на државата и носи две различни одлуки иста фактичка и правна ситуација. Ваквото однесување на Иванов побудува сериозно сомнение дека постојат случаи кои влијаат врз душевната состојба и слабоумноста во контекст на размислувањата на Иванов кој не може да ги сфати дејствијата што ги презема, реагира Бачев.
Тој смета дека бидејќи се работи за Претседател на држава и Врховен командант на вооружените сили на Македонија, Уставниот суд мора да одговори на претставката.