Во Уставниот суд денеска беше промовирана опремата за комплетна дигитализација која е добиена како донација од Турската агенција за соработка и координација ТИКА. Судот добива можност да работи по најсовремени технолошки решенија кои ќе ја зголемат ефикасноста, транспарентноста и отвореноста кон јавноста.
Претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски изјави дека минатата година Судот го почна брендирањето преку креирање на свое лого, поштенска марка, и продолжува и оваа година со набавка на нови одела за вработените и тоги и инсигнии за судиите, како и акцент на дигиталните комуникации.
Костадиновски нагласи дека оваа опрема е особено значајна бидејќи го модернизира начинот на работењето, го забрзува работниот процес и овозможува подобар пристап на отвореност кон јавноста.
,,Опремата која денеска беше донирана е всушност донација која ќе ја зголеми ефикасноста, транспарентноста и отворената кон јавноста, односно новиот систем кој е набавен ќе ни овозможи одржување на хибридни состаноци со интегрирана аудио и видео опрема, онлајн и физички може да присуствуваат сите судии и во расправа и во одлучување на Судот, симултан превод, безбеден клауд, снимање на сите седници и комуникации, автоматска изработка на транскрипти и низа други алатки кои ќе ја зголемат ефикасноста на Судот. Сакам да изразам искрена благодарност и на ТИКА и на претседателот на Уставниот суд на Турција, Кадиз Озкаја и се надевам и понатаму ќе ја одржиме оваа братска и пријателска комуникација“, изјави Костадиновски.
Потпретседателот на ТИКА, потенцираше дека меѓу останатите донации во други судови и институции во Република Македонија, оваа во Уставниот суд има посебно значење, со оглед на важноста на Судот во владеењето на правото и заштитата на човековите права.
„Мене ми претставува огромна чест и задоволство што претседателот на Уставниот суд на Република Турција е во официјална посета тука. Овој проект всушност се поклопува со една значајна моја посета која беше реализирана во септември. Многи значајни работи и донации сме имале досега во правосудството во Врховен суд, Апелационен суд, Судскиот совет, во различни градови во цела држава, многу е значајно сите ние да сме поврзани со уставните прописи и закони и поради тоа овие активности се значајни за нашата организација“, изјави Махмут Чевик, потпретседател на ТИКА.
