Уставниот суд денеска ја укина одлуката за забрана за градење на територијата на Општина Центар, која претходно го замрзна спроведувањето на Деталните урбанистички планови.
Имено, Судот попладнево објави дека ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар во март 2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот.
До денеска на сила беше времената мерка за укинување на мораториумот, што Уставен ја донесе во декември лани.
Инаку, Општина Центар на крајот на 2017 година прогласи мораториум на вкупно 31 детален урбанистички план, што практично значеше забрана за издавање на нови одобренија за градба додека не се уредат старите планови согласно Генералниот план на градот.
Но, градежните компании се пожалија пред Уставниот суд, што резултираше со денешниот епилог.