Секој еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кој денес е во Собранието ја има неповторливата можност да стане вистински трибун на народот и да ја поправи сликата нагрдена од разно разни минати пратеници кои правеа нечесни договори на грбот на народот, на грбот на Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Кавадарци.
-Верувам дека оваа генерација на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со мене, со раководството на партијата го носи најголемиот товар да не попушти пред сите притисоци и убедувања за уставни измени затоа што не смееме да го разочараме народот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.
-И ви кажувам дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има. Овие работи кои сега ги говорам истите ќе ги кажам и на лидерската средба која од власта најавуваат дека ќе се случи, порача Мицкоски.
Според него, не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени напишани, по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба.
-Треба да дискутираме за нешто што веќе е напишано. Тие уставни измени лошо ќе завршат затоа што нема да добијат поддршка, но никој од власта не говори за времето што потоа. Јас ќе ви кажам, нема и не смее да има губење на време. Јасно ќе биде дека непоминувањето на уставните измени ќе биде дефинитивниот крај на оваа Влада , рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека од власта лесно коленичат пред канцеларии и кодошат по амбасади, затоа што во нив го гледаат спасот на своите бедни политички кариери.
-Ние од ВМРО-ДПМНЕ единствено служиме на народот и на Македонија и затоа имаме обврска да градиме мостови и пријателства со светот. Но при секоја вградена тула, појдовната точка да ни биде интересот на граѓаните и националните позиции на кои никогаш нема да им завртиме грб, појасни тој.
Според Мицкоски, ДУИ ја поседува СДСМ и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
-Кога велам им го поседува претседателот, велам затоа што Пендаровски, изминативе 4 години и повеќе ја испушти можноста со своите постапки да биде претседател на сите граѓани, тој покажа и докажа дека е претседател само на оние малкумина кои се уште го поддржуваат. Затоа велам им го киднапираа и претседателот на државата, а тоа е Пендаровски, рече Мицкоски.