Уставен суд утре ќе расправа по иницијативата на Левица за Законот за матична евиденција за внесување на националност во матичните книги

by Fokus

Уставниот суд соопшти дека утре на 28 седница ќе ја рзгледува иницијативата на политичката партија Левица за Законот за матична евиденција.

Овој Закон стана актуелен во јавноста кога Министерството за правда изготви упатство со кое во изводите од книгите на родени се додава и графата националност. Тоа беше искористено од бугарски невладини организации за пропаганда во Македонија, кои ги повикаа македонските државјани да извадат извод од книга на родени во кои ќе пишува дека по националност се Бугари и така полесно да добијат бугарски пасош.

На ова упатство од Министерството за правда реагираше и стручната јавност, со барање целосно да се поништи. Со иницијатива од Уставниот суд неговата примена беше ставена во мирување.

Партијата Левица, според соопштението од Уставниот суд оспорува повеќе членови од постоечкиот Закон за матична евиденција со кои е предвидено националност да се запише во матичната книга на родените, потоа во матичната книга на венчаните и во матичната книга на умерните.

„Според подносителот на иницијативата, чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред се поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство“, соопшти Уставниот суд.

Поранешната министерка за правда и професорка по Уставно право Рената Тренеска-Дескоска јавно пиша дека министерот за правда Кренер Лога треба да го укине упатството и место него да подготви соодветни законски измени. Таа во јавното обраќање напиша дека досега било пракса националноста да се пишува во матичните книги, но не да стои посебна графа во јавните документи да стои националноста.

Професорката Тренеска-Дескоска посочи дека со тоа се прекршуваат повеќе конвенции,  кои земјата ги има потпишано.  Таа рече дека Македонија е потписник на Рамковната конвенција за национални малцинства, која нашето Собрание ја има ратификувано во 1997 година,

„Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за национални малцинства, го критикува задолжителното назначување на етничката припадност во личните документи, или во внатрешните записи кои ги води администрацијата, вклучувајќи ја полицијата и здравствените власти, како спротивни на правото на самоидентификација и тоа може да се прочита во нивните толкувања на Конвенцијата“, изјави Дескоска.

Поврзани новости