Уставниот суд денеска расправа за уставноста и законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации кој на телекомуникациските оператори во Македонија им наложува да ги обезбедат сите технички услови за УБК да ги следи комуникациите во нивните мрежи без судски налог.
Укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештајот на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, од 2015 година.
„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. Уредите за пренасочување треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори. Под кои било околности, УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“, беше наведено во извештајот на Прибе.
Иницијативата за разгледување на уставноста и на законитоста на овој член е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.