Уставниот суд го објави образложението на одлуката за поништување на одлуките за одложено распуштање на Собранието од 18 јануари и 23 февруари, оваа година, која судот ја донесе во средата, минатата недела, по разгледувањето на иницијативата, поднесена од ДУИ..
Според Уставниот суд, одложеното распуштање на Собранието не може да се поистоветува или споредува со одложеното дејство на законите или други акти.
– Во Уставот на Република Македонија не е експлицитно уредено прашањето за одложното важење на Одлуката за распуштање на Собранието. Отсуството на конкретна регулатива за ваков случај не може да се толкува дека ваквото решение е допуштено со одлука на Собранието, како во случајов, а особено имајќи ја предвид сериозноста и можните последици. Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста – се наведува во образложението.
Од таму додаваат дека според тоа не може да постои било какво одлагање на распуштање на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците.
– Спротивно на изнесеното, Собранието продолжи да работи во својот полн капацитет во периодот од 19 јануари 2016 година кога е донесена првата Одлука за самораспуштање со одложно дејство, па се до 07 април 2016 година кога Собранието фактички се самораспушти. Одложеното дејство на оспорената одлука, односно одложеното дејство на распуштањето на Собранието, како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност, не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти…Ваквата состојба доведува и до правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија е должно да ги почитува Уставот и законите, што овде не е случај – се наведува во образложениот на Уставниот суд.