Уставен ќе го испитува ДУП-от кој предвидува бензиска на „Пуцко Петрол“

Нафтената компанија неодамна доби правосилна судска пресуда според која ќе ги добие назад парите за откуп на парцелата за изградба на бензиска станица кај Борис Трајковски, дополнителни 110 илјади евра за надомест на штета, но, како што објави „Фокус“, и 1,7 милиони евра по основ на испуштена корист.

by Фокус

Сите шестмина уставни судии одлучија да се поведе постапка за испитување на уставноста на Деталниот урбанистички план кај салата Борис Трајковски и времено да запрат сите активности околу овој ДУП, кој предвидува и изградба на бензиска пумпа на земјиште во сопственост на нафтената компанија „Пуцко Петрол“.

Судија-известител за овој предмет е Осман Кадриу, кој неколку пати се предомислувал каква одлука да им предложи на своите колеги судии. Како што рече, на почетокот сметал дека судот не треба да поведе постапка, но потоа одлучил да предложи судот да поведе постапка, како и да побара експертско мислење.

Според Добрила Кацарска, претседателката на Судот, очигледно е дека изградбата на бензиската пумпа во деталниот урбанистички план е спортивна на генералниот урбанистички план каде што за категорија Е, во која влегуваат и бензиските пумпи, не е предвидено ниту еден ваков објект.

Инаку, „Пуцко Петрол“ за локацијата за бензиската пумпа ја тужеше општина Карпош и државата. Како што објави „Фокус“, скопскиот апелациски суд делумно ја потврди првостепената пресуда на граѓанскиот суд во корист на „Пуцко Петрол“. Пресудата покажува дека компанијата треба да ги добие назад оние околу 2 и пол милиони евра што ги плати за оттуѓување на градежно земјиште сосе данок на промет.

Воедно, второстепениот суд го потврдува и делот од првостепената пресуда дека на нафтената компанија треба да и се исплатат 110 илјади евра по основ на надомест на штета за раскинување на овој договор, но не ја потврдува пресудата во делот за исплата на 6,4 милиони евра по основ на таканаречена испуштена корист.

Односно, апелација го преиначува овој дел од пресудата на понискиот суд, одлучувајќи државата и општината на компанијата да и исплатат 1,76 милиони евра по основ на испуштена корист, со камата од 8 наместо од 10 проценти, додека поголемото тужбено барање со разлика од 4,6 милиони евра се отфрла како неосновано.

Спорниот ДУП беше донесен во 2016 година кога градоначалник беше Стевчо Јакимовски. Истата година општината одлучува локацијата да ја понуди на јавна лицитација. На наддавањето учествуваат пет компании и победува „Пуцко Петрол“, кој го купува земјиштето за 2,5 милиони евра.

Уставниот суд на иницијатива на граѓани на Карпош во 2018 година го укина Деталниот урбанистички план за делот од Карпош кај што треба да се гради бензинската пумпа на семејството на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, бидејќи бил донесен во незаконска постапка.

Во 2018 годин, кога градоначалник е Стефан Богоев, повторно почнува постапка за донесување на ДУП, но само за делот за плацот на „Пуцко Петрол“, со цел да се врати намената за изградба на бензинска станица. Овој план не се однесувал за цела четврт, како што бил опфатот на претходниот укинат план, туку за еден блок.

Па, оваа постапка беше речиси целосно завршена пред Јакимоски да се врати на чело на локалната самоуправа. Откако заврши процедурата со добивање на потребната согласност од страна Град Скопје, по многу препукувања, сите советници во Карпош, освен независните и оние на Левица, ја потврдија одлуката за старо-нова маркичка за наведениот блок.

Во интервју за „Фокус“, Јакимовски неодамна изјави пресудата на апелација ја обжалиле и до Врховниот суд со барање на заштита на законитоста и со аргументација дека, како што вели, дел од нивните докази не биле земени во предвид од двата пониски суда.

Ние имавме жалба на апелација, баравме јавна седница и не беше дозволено, па е донесена пресуда Општина Карпош да плати оштета на „Пуцко Петрол“ од 110 милиони денари плус 6 милиони трошоци. Имам чувство дека купувачот на земјиштето повеќе желба има да ги земе парите отколку да гради бензиска пумпа – рече Јакимовски.

В.С.

Поврзани новости