Абортусот останува забранет како што предвидува Законот за прекин на бременоста. Уставниот суд денеска не поведе иницијатива за оспорување на 15 членови од законот. Со одлуката, судот практично застанува на релација на власта во однос на политиката за абортусот. Уставниот суд со мнозинство гласови проценил дека уредувањето на постапката за прекин на бременоста не ја спречува определбата за прекин, туку ја уредува процедурата, а тоа има основа во членот 42 од Уставот дека државата го штити мајчинството, децата и малолетниците. Колку и да изгледа површно образложението и колку да не е исправна одлуката, поголемиот дел од судиите гласале законот да остане каков што е.
Иницијативата пред судот ја покренаа четири организации од областа на човековите права и екс- пратеничката Каролина Ристова Астеруд. Иницијаторите сметаат дека се ограничува слободата и правото на жената, односно правото на избор.
Некои од судиите се спротивставија на законот и сметаат дека има спорни одредби, но сепак конечниот збор го има мнозинството. Не е исклучено дека некои од судиите ќе имаат издвоени мислења, затоа што сметаат дека сериозно се нарушуваат правата на жената.
Поддршка за здравствената политика на Владата, Уставниот суд даде и за задолжителното вакцинирање. Иако е покрената иницијатива за оспорување на неколку членови, сепак вакцината останува задолжителна, а родителот кој ќе избегне ќе мора да плати казна од 300 до 650 евра.
Оспорени беа неколку членови од Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита на децата и Законот за основно образование. Со оглед дека судиите не покренаа иницијатива и понатаму на сила ќе остане решението со кое вакцинацијата е задолжителна за десетина зарази, родителот да покаже документ за сите вакцини пред да го запише детето во прво одделение.
Практично на децата ќе им се ограничат некои права врз основа на вакцинација.
И овде е бледо образложението на Уставен суд дека во член 39 од Уставот стои оти секој има должност да го чува своето и здравјето на другите.
Уставен си најде објаснувања поткрепени во Уставот за да ги оправда денешните одлуки. Така уште еднаш застана на страна на владината политика во здравството. Со промената на персоналниот состав на судиите, во кој власта наметна свои проверени кадри, многу лесно се аминуваат владините проекти.
Доказ за тоа е и денешната седница на судот на која експресно за два часа беа поминати дури 18 точки. Анемично и без вистинска правна дебата. Со исклучок на поединци кои во име на владеењето на правото предупредуваат на пропустите на судот.