Успешната визионерска приказна на ЕЛЕНА ЛУКА на „Profemina“ 2024

by Fokus

Успешното лидерство и визионерско претприемништво, олицетворени преку примерот на една од највлијателните и најуспешни деловни дами – ЕЛЕНА ЛУКА, беше една од клучните и најинспиративни теми на овогодинешната женска конференција „Profemina“, која се одржа вчера во хотелот „Холидеј Ин“ во организација на „Убавина и здравје“.

Преку мотивирачки разговор со фокус на вредностите, квалитетите и визионерскиот дух што треба да ги поседува една успешна деловна жена, ЕЛЕНА ЛУКА го сподели своето богато деловно искуство, нагласувајќи ја и важноста на меѓусебната поддршка меѓу жените.

Под водство на оваа исклучителна жена менаџер, брендовите ЕЛЕНА ЛУКА и ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ поставија високи, светски стандарди во своето делување и станаа синоним за иновација, ексклузивитет и ненадминлив квалитет.

Таа е визионер, лидер и пример за тоа како се создаваат брендови кои го освојуваат светот и инспирација за многу жени и девојки, затоа што е успешна бизнис жена која менаџира во повеќе деловни сектори.

Вчера на сцената на „Profemina“, во рамки на концептот: „Креаторка на својот живот – уникатна и инспиративна, ЕЛЕНА ЛУКА“ – таа го сподели патот кон успехот, тајните на управување со глобално успешни брендови, и им даде моќни совети на сите дами кои сонуваат за сопствен бизнис.
Тоа беше и повеќе од доволна причина, бројната присутна публика да покаже огромен интерес и со големо внимание да го проследи инспиративниот разговор со кој се презентираше успешната приказна на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Како лидер, отсекогаш сум верувала дека секој бизнис, без разлика дали е во модниот или градежниот сектор, треба да има јасна визија и цел кои ги одразуваат вредностите на компанијата. Основните вредности кои што го креираат мојот бизнис пристап, секогаш се темелат на интегритет, иновација, уникатна идеја, посветеност, максимална професионалност, но и одговорност кон луѓето и заедницата. Преку моите компании, максимално се вложувам да ја унапредам позицијата на жените во бизнисот и да покажам дека е можно да се постигне успех и во индустрии во кои традиционално доминираат мажите. Преку мојот личен пример, сакам да покажам дека со правилна стратегија, оригинална идеја, визија и упорност, жените можат да бидат лидери во секој сектор. Работиме на отворање патишта за следната генерација на жени лидери, особено во индустриите кои бараат иновации и лидерство“.

Во светот на модата, нејзиното име е синоним за авангарда, врвна креативност, уникатност, луксуз и беспрекорен квалитет. ЕЛЕНА ЛУКА е бренд кој инспирира генерации жени со својата посветеност кон совршенството. А во градежната индустрија, ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ е предводник на иновациите и современата архитектура, поставувајќи нови стандарди во недвижностите.

„Пред да се започне нов проект, треба да се поминат одредени стадиуми во работењето. Во моите компании секогаш започнуваме со темелно истражување на пазарот, а потоа следува бизнис планирање и стратегија и се прави еден концизен концепт на работа. Понатаму, за успешно да се реализира целта неопходно е со целиот свој капацитет да се посветите на работата. Преку нашите проекти секогаш сакаме да понудиме нови концепти на пазарот, кои што ќе бидат иновативни, квалитетни и функционални. Во контекст на актуелните проекти на ЕЛЕНА ЛУКА ХОУМ, со задоволство ќе го споменам комплексот FUTURA кој е еден сериозно атрактивен станбено-деловен комплекс со површина од 47.000м2.

Лоциран е во општина Кисела Вода, на булевар Борис Трајковски, на само пет минути пешачење од центарот на Скопје, и сместен е во опкружување со комплетно развиена социјална инфраструктура и со сите капацитети што ги задоволуваат потребите на современиот човек. Од секој аспект еден ултра модерен, квалитетен станбено-деловен комплекс по највисоки стандарди. Нескромно ќе кажам дека да се биде жена во градежништвото има и одредена предност. Затоа што како жена размислувам за сите детали, а покрај тоа исклучително внимавам на функционалноста во домувањето. Од тој аспект лично сум вклучена во создавањето на целата стратегија на сите проекти. Токму оваа посветеност и личен печат во сè што работам е причина секој проект да биде синоним за иновација и успех “, потенцираше ЕЛЕНА ЛУКА.

Модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА постои за да биде авангарда и низ годините успеа да изгради нешто повеќе од мода, како ретко кој, ЕЛЕНА ЛУКА изгради стил и начин на живот. Брендот е создаден со јасна визија и цел, со својата прогресивност секогаш да ги надминува стандардите и да има свое посебно и незаменливо место во модната индустрија.

„Сигурна сум дека ЕЛЕНА ЛУКА веќе соработувала со голем дел од жените присутни овде денеска. Мене ми е исклучителна чест и задоволство кога ја гледам среќата на жените кога носат ЕЛЕНА ЛУКА. А кога вие сте среќни, јас сум уште посреќна“, им се обрати ЕЛЕНА ЛУКА на присутните дами.

Како успешна бизнис жена, ЕЛЕНА ЛУКА е голема инспирација и пример за многу жени кои сонуваат да започнат свој бизнис и во таа насока, таа ги охрабри со моќни и инспиративни пораки.

„Вистинскиот момент да започнете свој бизнис е сега! Нема потреба да се одложуваат соништата и потребите за да се изразите себеси. Едноставно времето е секогаш сега! Нема никогаш да се создадат 100% поволни услови за реализација на некој невообичаен или вонсериски сон, затоа што во почетокот кога имаме некоја уникатна идеја таа е тешко прифатлива. Можеби ќе ви кажат, дека е тешко за реализација или дека не е возможно да се оствари. Апсолутно тоа не е така. Штом имате на ум иновативна и уникатна идеја, времето е сега да ја остварите. Немојте да се плашите од амбицијата. Жените кои се амбициозни може да бидат и одлични лидери и одлични мајки и сопруги и тој концепт апсолутно функционира. Не е битно само колку ќе заработите, туку колку личен допринос ќе оставите врз квалитетот на животот на другите околу вас.

Затоа што заедницата треба да има позитивна клима во која сите квалитетно ќе делуваме. Женското вмрежување е многу важно и успехот на една жена треба да биде мотивација за другите жени. Да бидеш жена значи да имаш моќ и да имаш сила и капацитет со кој ова општество може да го направиш многу подобро. Самодоверба, упорност, уникатна идеја и да не заборавиме, перманентно работење“, со овие охрабрувачки пораки ЕЛЕНА ЛУКА го заокружу својот моќен говор.

ЕЛЕНА ЛУКА останува посветена на својата деловна стратегија во која акцентот е на иновациите и креативноста, кои создаваат вредности што траат и инспирираат. Како резултат на нејзината посветеност и професионалност, успехот е природен исход во нејзината работа.
Оваа година женската конференција „Profemina“ во организација на магазинот „Убавина и здравје“ се одржа под слоганот „Креаторка на својот живот“. Програмата вклучуваше голем број активности, панел дискусии и презентации на различни теми кои се од интерес на жените, а со цел да поттикнат нивно вмрежување, деловен прогрес, како и да ја стимулираат грижата за себе и за своето здравје.

ПР текст

Поврзани новости