Условна казна за Лазаров кој призна вина за „Насилството во општина Центар“

by fokus

Томислав Лазаров, советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд беше осуден на условна казна затвор од шест месеци, како обвинети за „Насилство во Центар“.

Пресудата на Лазаров следува откако тој пред пет дена на судско рочиште единствено призна вина од вкупно 14 обвинети, меѓу кои и екс премниерот Никола Груевски и екс министерот Миле Јанакиески, па постапката за него беше издвоена.

Лазаров истакна дека нема да се жали ниту тој, ниту СЈО, што значи дека пресудата е правосилна.

Пресудата, обвиниетите и СЈО ќе ја добијат во рок од осум дена, а записникот од денешното рочиште обвинетиот и обвинителите мораа да го потпишат двапати бидејќи првиот пат беше невалидно. Поточно, судијката реагираше откако странките го потпишаа записникот со црно пенкало, по што мораше тоа да го сторат уште еднаш со сино. Пред ова се случи уште еден технички проблем, односно принтерот во судницата не работеше, па затоа записникот мораше да се принта во друга канцеларија.

Обвинителката Фатиме Фетаи во својот завршен збор побара од судот да ги цени сите олеснителни и отежителни околности на обвинетиот. Како олеснителна околност наведе дека Лазаров досега не е осудуван, како што рече никогаш не се огрешил пред законот, а напомена и дека е оженет и е татко на две малолетни деца.

„Се работи за партиски кадар, кој бил спрегнат да работи за интересите на највисокото партиско тело, а не за доброто на сите граѓани – рече Фетаи, која дополни дека обвинетиот како тогашен советник ги преставувал интересите на граѓаните, па затоа се очекувало и да работи во нивен интерес, а на во интерес на партијата која го претставува“.

Фетаи во завршниот збор и точно ја опиша улогата која ја имале дел од обвинетите во овој случај.

„Локација од која извира идејата за настанот е од мозокот на Никола Груевски, а веднаш по него е послушникот Миле Јанакиески. Лазаров е еден од потикнувачите на извршителите на насилството – рече Фетаи.

Таа, исто така тогаш додаде дека била позитивно изненадена од признанието на Лазаров бидејќи тоа е од значење за целата постапка, која ќе продолжи да се води против останатите 13 обвинети.

Поврзани новости