Уште во 1969 владиците одлучиле да го сменат календарот, но се повлекле од политички причини!

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 8 јануари 2010 година.

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Тринаесет дена по „вистинскиот“ Божик што го прослави целиот христијански свет, освен Руската, Српската и Грузиската православна црква, заедно со Ерусалимската Патријаршија и манастирите на Света Гора, вчера, конечно, Христос се роди и кај нас. Според м-р Драган Зајковски, историчар што ја истражува историјата на христијанството, празникот Рождество Христово – Божик е празник кој според црковните канони секогаш се празнува на 25-ти декември, па затоа, вели тој, се поставува прашањето од каде разликата од 13 денови од „католичкиот“ до „православниот“ Божик.

Дали навистина постојат два Божика – православен и римокатолички?

КАКВА ОДЛУКА ДОНЕЛА МПЦ ВО 1969 ГОДИНА?

Светиот Синод на МПЦ уште пред 40 години донел одлука да го прифати Грегоријанскиот календар а со тоа Божик да се празнува на 25-ти декември, како речиси сите христијани во светот. За жал, таа одлука никогаш не е спроведена. Во Синодот велат дека таква одлука навистина е донесена есента 1969-та година, но, не само што е донесена, туку никогаш и не е повлечена, ниту пак со некаква нова одлука е ставена вон сила.

Оттука, се поставува прашањето, зошто таа одлука на Синодот не била спроведена или, поточно, зошто не е спроведена цели четири децении. За да добиеме изворни податоци за тоа што се случувало во 1969-та година, и зошто всушност одлуката не е спроведена, го побаравме сега единствениот жив митрополит, член на Синодот, кој бил и во Синодот што ја донел одлуката за прифаќање на многу поточниот Грегоријански календар пред 40 години, митрополитот Полошко-кумановски, г. Кирил.

За жал, по дводневни консултации во неговиот кабинет ни беше пренесена само неговата порака дека за тоа можеме да разговараме единствено со архиепископот на МПЦ, г. г. Стефан. Се разбира, и обидот да дознаеме нешто повеќе за оваа одлука од првиот човек на МПЦ заврши без успех, односно само со препорака да се обратиме до архивата на Синодот за да ни дозволат, ако сакаат, да го видиме документот со одлуката за менување на календарот.

Дека нешто не е како што треба во врска со докуметнот за кој јавноста сега дознава за првпат, говори и тоа што ѕидот на молчење продолжи и во архивата на МПЦ, со образложение дека за да ни овозможат увид во записникот од 1969-та година треба да поднесеме писмено барање, а дали ќе биде одобрено да го видиме документот, односно одлуката за промена на календарот, ќе знаеме дури по наредната седница на Синодот, што секако ќе биде „некој ден“ по Божикните празници.

Единствен што сепак ни даде некаква изјава е Дебарско-кичевскиот митрополит, г. Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ. Според него, иако тој во тоа време, како што рече, бил само ученик, одлуката од 1969 година за прифаќање на Грегоријанскиот наместо Јулијанскиот календар е повлечена уште истата година:

– Факт е дека одлуката е повлечена, односно е ставена вон сила, па затоа, еве, 40 години нема ни глас, ни трага од таа идеја. Додека е овој состав на Синодот таа одлука никогаш и нема да биде во сила. Според тоа, такво нешто за нас не постои, па затоа и по 40 години ништо не е променето во однос на календарот што го прифатила и го применува нашата црква, поточно нашиот народ. Инаку, што се однесува до мене лично, јас категорично сум против менување на календарот, особено во време кога имаме многу поважни работи од тоа, смета Тимотеј.

ПОСТОИ САМО ЕДЕН БОЖИК !

– Науката на ова прашање одамна дала одговор. Вистината е дека постои само еден Божик. Оттука проблемот е во календарот и политиката. Дури и терминологијата „католички“ и „православен“ Божик е сосема погрешна, бидејќи речиси сите православни цркви го имаат прифатено реформираниот јулијански календар, кој речиси е идентичен со грегоријанскиот, таканаречен граѓански календар. Единствено Руската, Српската и Ерусалимската православна црква, вклучително и нашата МПЦ, цврсто се држат до стариот јулијански календар. Притоа се поставуваат неколку прашања. Прво, дали со црковните канони прецизно е утврдено кој календар треба да биде во црковна употреба? Апсолутно – не. Тоа прашање не е предмет на црковните канони и оттука црквата го оставила на решавање на науката со што направила мошне мудар потег.

Православната догма не фаворизира ниту еден календар, оставајќи го тоа прашање на науката, а пред се’ на слободното уверување на секоја православна црква одделно. Па така, безмалку сите православни цркви, времето го сметаат според реформираниот јулијански календар, а оттука, како и сите други „фиксни“ православни празници, така и Божик го празнуваат според тој календар на 25-ти декември. Второто прашање се однесува на тоа кој од овие календари е повеќе точен. Апсолутно дека е поточен грегоријанскиот, односно реформираниот јулијански календар. Тој е единствениот прецизен календар прифатен од безмалку сите цркви во светот.

Да не говориме за неговата цивилна употреба. Дури и во земјите чиишто православни цркви го употребуваат стариот јулијански календар, како Србија, Македонија или Руската федерација, секој од нивните верници на прашањето кога е Божик ќе ви одговори дека е на 7-ми јануари, што од црковно-канонски аспект е апсурдно, затоа што сите тие Нова Година ја празнуваат на 1-ви јануари, која, доколку навистина се водат според стариот јулијански календар, би требало да ја празнуваат на 14-ти јануари. Оттука доаѓа апсурдноста од употребата на стариот јулијански календар во однос на славењето на Божик, на пример, смета м-р Зајковски.

ГРЕГОРИЈАНСКИОТ Е МНОГУ ПОПРЕЦИЗЕН КАЛЕНДАР ОД ЈУЛИЈАНСКИОТ!

Според м-р Зајковски, историски гледано, јулијанскиот календар е постар и понепрецизен од грегоријанскиот, односно од реформираниот јулијански календар.

– Автор на јулијанскиот календар е александрискиот астроном Созиген. Тој на иницијатива на Гај Јулие Цезар во 46 година пред Исус изработил нов календар кој според името на „нарачателот“ е наречен јулијански. Но овој календар не бил сосема точен. Тој се разликувал за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева, тропска година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак во 1700 година таа изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.

Оттука, уште во средниот век тогашните учени ја воочиле неправилноста на јулијанскиот календар. Свесни за неточноста на календарот, на иницијатива на римокатоличкиот папа Григориј Тринаесетти, во 1576 година, била формирана посебна комисија од астрономи и математичари која имала за цел да спроведе реформа на јулијанскиот календар. По шестгодишна работа комисијата предложила конкретни мерки за реформа на календарот. Мерките биле прифатени од папата, кој на 24-ти февруари 1582-та година издал посебна папска була позната како интергрависимус. Во овој документ биле содржани таканаречени Цанонес ин Цалендарум Грегорианум, односно мерки за реформа на календарот. Со нив, меѓу другото, било утврдено, секоја година пролетната рамноденица да биде фиксирана на 21-ви март. Со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната, тропска година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, со истата папска була било решено во таа 1582-ра година 5-ти октомври да се смета како 15-ти октомври. Новиот календар бил наречен Грегоријански, според папата Грегориј, кој ја спровел реформата, а тој каландар бил многу попрецизен од јулијанскиот, вели м-р Зајковски.

КОЛЕБАЊЕТО НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ЦРКВИ

Сепак, за волја на вистината, ниту грегоријанскиот календар не е сосема точен. Разликата меѓу грегоријанската и тропската, реална година е еден цел ден на секои 3000 години, но сепак тој е многу попрецизен и поточен од јулијанскиот, чија разлика само за една година изнесува 11 минути и 14 секунди.

– Новиот, грегоријански календар, најпрво бил воведен во Италија, Шпанија и Португалија, а потоа постепено и во другите европски земји. Се разбира, за прашањето на календарот се расправало и на Сеправославниот конгрес одржан во Истанбул во 1923 година. На конгресот било решено православните цркви да ги прифатат научните факти за неточноста на јулијанскиот календар и да го реформираат календарот по принципот на грегоријанскиот. Во таа насока и нашата МПЦ во 1969 година донела одлука за напуштање на јулијанскиот календар, но од црковно-политички причини оваа одлука никогаш не влегла во сила, вели м-р Зајковски.

Според упатените во оваа област, имајќи ги предвид научните факти, впечаток е дека веќе не е прашање дали, туку кога МПЦ ќе го смени календарот. Според Милош Линдро, писател кој меѓудругото ги истражува мистичните области на историските настани, таканаречените православци заборавиле дека не може да очекуваат Бог да се прилагодува според нивниот и, за жал, како што вели, се’ уште и наш православно-ватикански ракотворен календар, туку, обратно, треба да се раководат според Божјиот, небесен и неракотворен закон.

– За наша среќа, која е среќа и на сите луѓе, од сите вери, како и на сите божји созданија на земјата, големите небесни светила никогаш нема да погледнат во „православно-староватиканските“ календари за да си го променат својот божествен ритам на движење. За нашата, македонска, двокалендарна шизофренија, односно употребата на грегоријанскиот календар за по дома и во државните институции и, истовремено, употреба на јулијанскиот календар за в црква, и досега повеќе пати е зборувано. За овој проблем, од различни позиции и мотиви, се разбира, пишувале многумина, но во основа сето тоа се сведува на неколку поенти.

Според едни, најголеми жртви на овој своевиден „временски дуализам во одбележувањето“ на христијанските празници биле нашите економски емигранти во католичките и протестантските средини, а според други, „инсистирањето на јулијанството“ е контрапродуктивно, залагајќи се за црковно грегоријанство од политички и, пред се’, од безбедносни причини.

Митрополитот Методиј Златанов, пак, од своја страна ја брани збрканата „православна традиција“, заборавајќи или, што е уште полошо, не знаејќи дека црквата, во која станал „еднаков меѓу еднаквите“ заземајќи место во Синодот на МПЦ, веќе има донесено решение за употреба на грегоријанскиот цалендар, и тоа уште во далечната 1967 година!’, вели Линдо.

РАЃАЊЕТО И ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ИСУС СЕ ПОКЛОПУВААТ СО ПРОМЕНИТЕ НА МЕСЕЧИНАТА!

Според Линдо, пресметките на Велигден, и во католичкиот, и во протестантскиот, и во православниот календар се раководат од едно исто правило. Овие пресметки се нарекуваат пасхалии. Денес доминираат две основни пасхалии: Александриската и грегоријанската.

– За да биде појасно за обичните верници, како што се вели, правилото според кое се пресметуваат датите на Велигден во наведените три најбројни цркви, гласи:
„Велигден се празнува во првиот неделен ден, по пролетната рамноденица, после „пролетната полна месечина“, односно „полнолуние“. Ова „полнолуние“ е првата полна месечина после денот на пролетната рамноденица, односно „еквиноциумот“.

Е, сега, доколку е така, не само што може врз основа на емпириските факти, односно набљудување на Сонцето и на Месечината, секоја година да се утврдува која е таа недела, денот во седмицата, во која се случува Воскресението Христово, туку може и години однапред да се пресмета на кој датум ќе биде таа недела, неделата на Воскресението. Сето тоа резултирало со правење на различни видови, точни и неточни, пасхални таблици во кои е пресметан денот Велигден, односно Рождеството Христово за 5, 10 па и повеќе години однапред.

Сепак, првите општоприфатени пасхални таблици, според полулегендарните соопштенија на Скалигер и Петавиус составени од монахот Дионисиј Малиот, по потекло Словен, кој бил поканет од папата Јован Први да ја заврши работата околу точното пресметување на датумот на Велигден, така што денот на смртта и воскресението на Исус Христос да се сообрази со промените на месечината, и на тој начин секогаш да се одбележуваат после еврејската пасха.

За таа цел монахот Дионисиј го применил 19-годишниот александриски лунарен циклус, па се’ до 1582 година западната и источните цркви го празнувале Велигден во еден ист ден, вели Линдро.

ИСКРИВЕНА „ПРАВОСЛАВНА“ ИДОЛАТРИЈА

Значи, според него, дури од 1582-та година се појавува реалниот проблем за несовпаѓањето на католичко-протестантскиот, од една страна, и на „православниот“ датум за Велигден – од друга. Исто така, истиот проблем, уште поочигледен, се јавува и во врска со неподвижните празници од кои најголем е Божик, односно Рождество Христово. А проблемот е многу поедноставен отколку што обично се мисли, смета Линдро, и тој „проблем“, за жал, е токму кај таканаречените „православци“.

– Ако го одбележуваме денот на реалното, историско раѓање Христово тогаш тоа треба да е еден ист датум за сите и во таков случај никакви „пасхални таблици“ не се нужни. Искривената „православна“ идолатрија, која се раководи од неточниот и отфрлен ватикански календар, кој се нарекува јулијански, го прави православието трагикомично во очите на секој рационален човек со минимални знаења од астрономија.

Зошто велиме дека јулијанскиот, поточно отфрлениот ватикански календар е неточен календар? Затоа што за некои настани за кои било запишано дека се случиле во далечното минатото на 22 декември, дополнителната информација била дека тој ден бил „најкраткиот во годината“. За други, пак, за кои се знаело дека се случиле на 21 март, се додавало дека на тој датум „денот бил еднаков со ноќта“.

Дали се запазени тие два услова во двата случаи до денес? Во грегоријанскиот – да! Во јулијанскиот – не! Може ќе речете дека „бројките се бројки“ и „датите се дати“, но важни се сончевите и месечевите циклуси. Точно. Да бидеме на јасно: овде не се инсистира на датите во декември или март, или некои други, туку на оние четири кардинални точки врз кругот на сончевата година: двата солстициума и двете рамноденици, кои се цврсти показатели за правилна ориентација во времето.

Затоа што произлегуваат од астрономијата. Ако Божик се дефинира како „третиот ден после зимскиот солстициум“, тогаш зошто според денешните „православци“ тој треба да се празнува 13 дена подоцна? Одговорот на „православците“ е затоа што 25 декември од „правилниот“ календар паѓа на 7 јануари од „неправилниот“!? Ќе се согласите дека тоа сепак е една навистина смешна логика!

Имено, овие самоумислени „верници“, опиени од догмата, всушност го загубиле зимскиот солстициум којшто, по божја, небесна повелба, се’ уште е на 22 декември како што бил и пред 2000 години, а не е на 4 јануари по новиот, поправен календар, односно на некаков 22 декември според јулијанскиот стар, таканаречен православен стил. Значи, опиените догматичари, задоени со погрешна аритметика и уште попогрешна астрономија, се’ уште се држат за датумот 25 декември како „Рождество по стар стил“, иако тој датум одамна не соодветствува со реалноста на небото, смета Линдро.

ПРАВОСЛАВЦИТЕ НЕ ГО ПРИЗНАВААТ НЕБЕСНИОТ ЗАКОН?!

Денешната астрономска реалност тврди дека јулијанскиот 25 декември не е три дена по зимското сонцестоење, или солстициум, туку цели 16 дена по оваа најниска точка на сончевата патека на небото. Оттука, православците од неколку земји, меѓу кои се и дел од Македонците, се’ уште се спротиставуваат на божјиот, небесен закон, па за нив не е важно Небото туку „православните“ неточни догми и хартии.

Од друга страна, разликите околу датите на празниците во однос на реалноста на небото во католичкиот запад биле забележани во средината на 16. век. По неколку години размислување и пресметки со царски рез биле исфрлени 10 дена од календарот на Јулие Цезар. Донесеното решение било официјализирано со повелба на римскиот папа Грегорие. Затоа новововедениот, поправен календар, во негова чест, бил наречен „грегоријански“. Се разбира, на тоа му претходела работа на опитни и совесни астрономи. Веднаш потоа, на 4 октомври 1582 година на грегоријански календар минале Италија, Шпанија, Португалија и Полска, на 9 декември 1582 овој календар го прифатила Франција, а на 14 декември кнежеството Луксембург и црквите на територијата на Фландрија и Валонија, односно денешна Белгија.

Во поголемиот дел од Холандија поправениот календар бил прифатен на 14 декември 1584-та година, а во останатите претежно протестантски делови на 30 ноември 1700 година. Австрија тоа го сторила од петти октомври до 14 јануари 1583, а во Германија католиците го прифатиле во периодот 1583 до1585 година. Прусија го вовела на 22 август 1610, но германските протестанти се двоумеле цели 118 години. Поправениот календар го вовеле дури на 18 февруари 1700 год. Идентично било и во Швајцарија, со исклучок на областа Сент-Гален на која и’ биле потребни цели 142 години размислување, но, сепак, во 1724-та година конечно им светнало дека небото е поточно од нивните хартиени пресметки. Истиот календар во Чешка почнал да се применува од јануари 1584, во Унгарија од 21 октомври 1587, во Данска од 18 февруари 1700 итн.

– Од кралствата на запад Британците се колебале најдолго околу замената на неточниот со точен календар, па грегоријанскиот каландар го вовеле дури на 2 септември 1752-та година, вклучително и територијата на САД. Британците се колебале цели 170 години, но на крајот, сепак ја прифатиле единствената вистинска пресметка на времето. Следната година и црковните бирократии во Шведска и Финска капитулирале пред астрономијата. Се разбира, како по обичај, најдолго се „мислиме“ ние, луѓето од Истокот. На нашиот „православен“ Исток му биле потребни дури 334 години, кога пристигнуваат католички и протестантски армии на Балканот, за тој да се затресе и разбуди. Прва се разбудила Бугарија, на 18 март 1916, па Русија на 31 јануари 1918, па Романија на 31 март 1919, Грција на 9 март 1924, Турција на 18 декември 1926 и на крајот Кралството Југославија во 1929-та година.

Сепак, точниот, реформиран календар во балканските држави и во Русија бил воведен само во администрацијата и во секојдневниот живот, но православните цркви продолжиле да функционираат според правилата на својот догматски инает. Во грчката, бугарската и романската црква, сепак имало умни архиереи, и тие разбрале дека небото е посилно од земните навики, па една или две децении по поправањето на световниот календар ги поправиле и своите црковни календари. Од друга страна, архиереите во руската, српската и македонската цркви до ден-денес се непоправливи, и нивните календари, за жал, остануваат непоправени! Оттука, се’ уште, за голем срам, тие календари се „православни“, што ќе рече „староватикански“, т.е. „јулијански“.

Дали потекнуваат од царот-многубожец Јулие Цезар или од влијателниот католик-кампутист Јулие Цезар Скалигер – сеедно! Во секој случај, нашиот календар наместо да го слави Словото Божје – Божјиот Закон на небото, всушност му се спротиставува на Бога, а со тоа владиците можат да служат само за подбив, вели Милош Линдро, еден од големиот број македонски интелектуалци кои сметаат дека веднаш, без никакво одлагање, треба да го замениме јулијанскиот со грегоријанскиот календар за да станеме дел од „нормалниот“ христијански свет.

„Браќа“
МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ ДЕЛАТ ОД РУСИТЕ И СРБИТЕ?

Според м-р Драган Зајковски, реформираниот јулијански календар, односно грегоријанскиот календар, освен католиците и протестантите во целиот свет, го имаат прифатено и Вселенската Патријаршија, Грчката православна црква, Кипарската православна црква, Албанската православна црква, Романската православна црква, Бугарската православна црква, Александриската патријаршија и Антиохиската патријаршија, додека стариот сосема неточен јулијански календар се’ уште е во употреба во манастирите на Света Гора, во Руската православна црква, Српската православна црква, Ерусалимската патријаршија, Грузиската православна црква и Македонската православна црква.

Поврзани новости