Зошо Груевски не барал истрага за врските на нашите банки со банката на Слободан Милошевиќ?

by Фокус

Текстот е објавен 24 февруари 2010 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Стојан АНДОВ

Хаотичното свртување кон далечното минато, инспирирано и водено од ВМРО-ДПМНЕ и бројните провладини експерти и јавни личности, делумно и институции, очигледно доживеа пораз. Во прашање е само тактиката што е избрана: Како протагонистите на тоа свртување кон далечното минато да се извлечат, а широките народни слоеви да не го забележат нивниот пораз? Дел од таа тактика е очигледно и наглото свртување на истите протагонисти кон деведесетите години од минатиот век.

Тоа почна со спектакуларното подметнување, кое им го направи на новинарите претседателот Иванов, тврдејќи дека на Македонија во 1995 година и е понуден пристап во НАТО и ЕУ, ама тогашното државно раководство тоа го одбило.

Се разбира, под тогашното државно раководство веднаш беше откриен Бранко Црвенковски. Откако овој потег на Иванов беше демаскиран, кога дури и Милошоски изјави дека нема документ со кој може да се докаже дека имало таква понуда, Груевски особено се ангажира да докаже дека Црвенковски имал мотив да одбие таква понуда, без оглед што таа можеби и не дошла. Мотивот му бил да спроведе криминална приватизација, со цел да се ограби општественото богатство и да се подели на луѓе доверливи на Црвенковски и на неговата партија!

МОДЕЛОТ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА Е ИЗБОР НА ГЛИГОРОВ

Враќањето на приватизацијата како фактор што треба да го елиминира СДСМ и Црвенковски од аспирацијата да се вратат на власт, не е без силно дејство во јавноста. Тој факт точно го има оценето и самиот Црвенковски, па затоа се обиде со еден потег да го елиминира тој проблем, како товар врз себе, кога во неодамнешниот неуспешен обид за уставни промени му предложи на Груевски уставна клаузула за незастарување на кривичните дела направени во спроведувањето на приватизацијата. Со тоа за кусо време ги потсмири нападите врз него од страна на ВМРО-ДПМНЕ за неговите гревови во процесот на приватизација.

Но, новото враќање на ВМРО-ДПМНЕ кон деведесетите, покажува дека нивната офанзива и најжестоките напади против опозицијата и понатаму ќе бидат концентрирани на вината на Бранко Црвенковски и на СДСМ поради криминалната приватизација. Затоа е потребно, но и неизбежно, темелно согледување на текот на процесот на приватизација кај нас, со што реално ќе се покаже евентуалната одговорност на политичарите и другите актери. Црвенковски нема интерес да ја избегнува и да ја одлага таа потреба, или, пак, нешто да премолчува.

Време е граѓаните да ја добијат јасната слика за тој период, во кој процесот на приватизација имаше големо значење. На крајот на краиштата, фактот што тој процес доведе до ликвидација на повеќе стотици претпријатија и до стотици илјади невработени, што ги наруши или ги сруши економските основи и перспективите на илјадници семејства, убедливо докажува дека е потребно и дека е веќе време да се отстранат засенчените и затемнетите места, за да се разјасни целата слика за и околу процесот на приватизација.

Новата повеќепартиска власт во Македонија го наследи законот за трансформација на општествениот капитал од Анте Марковиќ. Веќе во тнр. прва фаза од своето спроведување, тој закон оствари најсилни ефекти во нашата Република. Бидејќи со конституирањето на повеќепартиска власт во некои од тогашните Републики на СФРЈ беше навестена можноста за напуштање на тој закон, а кај некои други и поништување на неговите дотогашни ефекти, се отвори прашањето и за тоа: Кој пат ние ќе го фатиме?

Пролетта 1992 година, во еден разговор, тогашниот претседател на Републиката Киро Глигоров ми спомна дека треба да се забрза процесот на приватизацијата, по истиот модел, а доколку можеме моделот и да го усовршиме. Рече дека и директорите на претпријатијата вршат секојдневен притисок во Владата и дека Владата веќе работи на тоа. Овој разговор го водевме во времето кога премиер беше Никола Кљусев.

Јас му напоменав дека веќе престанал приливот на средства од Сојузниот фонд за побрз развој на неразвиените републики и покраини, дека капитал за инвестиции од страна не доаѓа и дека ние треба да видиме дали со моделот на приватизација, можеме да добиеме прилив на странски капитал, со што ќе успееме да задржиме каква-таква инвестициона активност и развој.

Му спомнав и некои јапонски инвестиции во Полска, германски во Чешка, во Унгарија. Изнесов мислење дека моделот за кој тој зборува не обезбедува прилив на странски капитал, а бидејќи го исклучува секое лице што не е вработено во претпријатие од оние што ќе се приватизираат, а поголем број од вработените во Републиката се во таква ситуација, на тие луѓе ќе им биде нанесена голема неправда. Тој рече дека сето тоа држи, но може да биде употребено и како причина да се одлага приватизацијата, а од тоа да имаме поголема штета. Сосем ми стана јасно дека Глигоров е цврсто решен и дека договорил со Владата на Кљусев, приватизацијата да се изведе по моделот на Анте Марковиќ со извесни организационо-технички дотерувања!

ЦРВЕНКОВСКИ НЕМА ЛИЧНА ВИНА

Во почетокот на јули истата година падна Владата на Кљусев, а на 4 септември беше избрана Владата на Бранко Црвенковски. Таа Влада го наследи моделот на приватизацијата од Владата на Кљусев. После еден месец од доаѓањето на новата Влада, беше закажана средба во Клубот на пратениците, на која требаше да се постигне договор за нацрт на законот за приватизација што требаше наскоро да се испрати во Собранието. Го прочитав текстот што ми беше испратен, а потоа му јавив на Глигоров дека нема да одам на тој состанок, бидејќи главното прашање, а тоа е моделот на приватизација, се смета дека е веќе решено!

Некаде во средината на ноември 1992 година, во Собранието имавме расправа по нацртот на законот за приватизација. Тогаш внимателно укажав дека моделот што ни е даден, е уникатен, дека таков модел нема во другите земји, а на пратениците не им е доставена информација за тоа како во повеќето земји се решава проблемот со приватизацијата. Спомнав и дека не се информирани пратениците и јавноста за тоа, зошто токму овој модел го применуваме, а системот на ваучери, со кои би биле опфатени сите вработени, избрзано го отфрламе.

Останав сам со своето укажување. После седницата бев изложен на жестоки напади во тогаш малубројните медиуми. Бев обележен како непријател на земјата, како што и сега пропагандистите на партијата на власт им го прават на многумина кои не мислат како нив!

Мој впечаток беше и остана до денес мое убедување, дека во целиот тој период Црвенковски, како премиер, само ја следеше насоката од Глигоров и затоа нема лична вина за последиците, освен што не собра храброст јавно да му се спротивстави. Но, околностите очигледно тоа не му го дозволувале!

Иако Законот необично многу ги фаворизираше правата на менаџерските тимови во претпријатијата, сепак бев убеден дека и тие не многу големи финансиски обврски, кои менаџерските тимови во одреден рок мораа да ги исполнат, беа преголеми за нивните можности. Најголем дел од раководителите на претпријатијата од тоа време, подолго ги познавав и ги сметав за совесни луѓе, способни да ги водат фирмите. Стравував дека законот тие луѓе ќе ги принуди и ќе мораат своето работење да го свртат против интересите на претпријатието што го раководат. Едноставно, тие мораа да најдат начин како да земат пари од претпријатијата што ги водат за да ги платат обврските и да го стекнат правото на менаџмент!

Во мај 1993 година, малку пред донесувањето на законот за приватизација, ми се јави професорот Стив Хенке од Универзитетот Џо Хопкинс во Балтимор, САД. Тој се понуди да дојде и да се сретне со претседателот и премиерот, како и со одговорните министри, со гувернерот на НБМ, со раководството на Стопанската комора и со група на стопанственици што ќе ги предложам. Дојде во септември, четири дена разговараше со сите споменати, а со Глигоров се договорил за петнаесет дена да испрати предлог-план за својот ангажман. Бидејќи дојде на моја покана и му бев домаќин, се договориле јас да бидам врската за натамошните контакти!

ОМИЛЕНИОТ ГОСПОДИН КОСТИЌ

Суштината на планот што го испрати Хенке, беше итна стабилизација на банките и програма за структурални промени на стопанството во Македонија. Предлагаше со целата операција да раководи Одбор (Борд) од три члена: тој, претседател на бордот, а членови, по еден заменик генерален директор од втората по големина банка во Германија и Јапонија. Од неговиот план произлегуваше и предлогот да се запре и да се напушти спроведувањето на штотуку донесениот закон за приватизација. Основна идеја на професорот Хенке беше Република Македонија да ја претвори во „излог“ како што тој велеше, во кој убедливо ќе се види можноста за брз напредок на економски неразвиена мала земја, оптоварена со многу внатрешни и надворешни политички и економски проблем!

Бев убеден дека Црвенковски, како премиер, се уште нема изградено своја политичка позиција за да може сам нешто да каже за тие важни предлози. Затоа инсистирав кај Глигоров да го прифати предлогот на Хенке, или тој да издејствува кај Црвенковски, Владата да го прифати тој ангажман. Глигоров не го направи ни едното ни другото, па целиот тој потфат пропадна. Идејата да се ангажира професор Хенке не доби ни јавна подршка. Едноставно, беше премолчена и заборавена!

А, веќе во 1994 година се дозна дека се воспоставени врски со Англо-Југослав банка, во Лондон, која до распадот на СФРЈ дејствуваше како банка во која нашата Стопанска банка имаше позиција на еден од основачите и имаше едно од директорските места. Но, со распадот на СФРЈ се промени вистинскиот газда на таа банка, и, според информациите што доаѓаа во Македонија, со неа управуваа луѓе директно зависни од Борка Вучиќ, долгогодишен соработник на Слободан Милошевиќ. Англо-Југослав банката предвидела дека може да има пречки во нејзиното работење од страна на британските власти, поради развојот на вооружените конфликти на територијата на поранешна СФРЈ, па затоа правовремено основала свои банки во неколку други европски земји. Тие банки, пак, основале оф-шор компании во разни Карипски, Антилски, Каналски и други острови, а и во некои мали државички во Европа. Тие компании, нормално, овозможиле отварање на лични сметки на одбрани поединци, и тоа во строга анонимност!

Низ тој толкуа таен финансиски систем, кој во Србија добил криминален карактер и бил заштитен од режимот на Милошевиќ, протекле финансиски текови за разни намени и на разни страни на териториите на поранешна СФРЈ. Познато е дека во периодот на нашата приватизација, најомилен гостин бил некој господин Костиќ од Англо-Југослав банка. Тој бил дочекуван во подолго време и од првиот и од вториот гувернер на НБМ, со голема омиленост и доверба каква што премиерот Црвенковски во Македонија никогаш не доживеал. Англо-Југослав банка, нејзините банки-ќерки, системот на оф-шор компании, со кој управувал Костиќ, соработувале со НБМ, со Стопанска банка, а подоцна и Експорт-импорт банката, која пропадна!

ГРУЕВСКИ НЕМА МОРАЛНО ПРАВО ДА КРИТИКУВА

Тоа беше период кога подземните финансиски текови беа главни во обликувањето на животот, а премиерите можеа да бидат толерирани само доколку успешно бидат држени на страна од целиот тој процес. Токму во тој факт ја гледам и основата на предлогот на Бранко Црвенковски, во Уставот да се внесе клаузула за не застарување на кривичните дела направени во процесот на приватизацијата. Тој е сигурен дека тие работи оделе без негово знаење и без негово учесто, па затоа го даде тој предлог!

Црвенковски во периодот на приватизацијата, која уште не е завршена, на некој начин е присутен од летото 1993 до есента 1998, и уште година и пол, во мандатот од 2002 година. Тоа е вкупно шест и пол години. Никола Груевски, пак, во процесот на приватизација е присутен, како министер за економија и министер за финансии – четири години, во првиот мандат на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и уште четири години и неколку месеци во мандатот од 2006 и од 2010 година, ама како премиер. Значи, нешто повеќе од осум години. Во тоа време продолжи процесот на приватизација и значаен дел од тој процес токму тогаш е остварен. Сигурно и тој имал улога во настаните.

Но, уште поважно е тоа што тој, како министер, можеше да нареди темелна истрага на сите врски на Стопанска Банка со Англо-Југослав банката, но тоа не го стори. Сега е тешко тоа да се направи, бидејќи нашата Стопанска банка е сопственост на странци. Но, и како министер на финансии и како премиер, Груевски можел и требало да спроведе темелна финансиска истрага на врските на Англо-Југослав банката и од неа основаните банки во странство, за сите врски што ги остварувала со НБМ, и со и Експорт- импорт банката на Смиленски. И тоа не го сторил!

Политичката одговоорност на Груевски за криминалната приватизација и последиците од неа, само поради непреземањето на спомнатите мерки кои биле во негова надлежност и овластување, е битно поголема од онаа на Бранко Црвенковски. Затоа, тој нема морално право да ја зема улогата на критичар. А, Бранко Црвенковски не треба залудно да го брани моделот на приватизација што беше применет. Сразмерно со реалноста, тој треба да ја прифати и својата вина. На тој начин, тој ќе им го смени мислењето на многу од оние кои денес како вистинита ја прифаќаат вината што му ја припишува Груевски, а за што нема основа. Сите овие работи се многу важни, за да можеме искрено да се соочиме со нашето недамнешно минато. Но, уште поважно е тоа да го сториме со јасна цел, да извлечеме корисни поуки за сегашницата и за иднината!

Поврзани новости