Кај Спортско-рекреативен центар „Кале“ ќе никнат три објекти, два хотели и една зграда во која ќе има деловни простории.
Од Министерството за транспорт и врски за „Фокус“ велат дека објавиле оглас за отуѓување на државно градежно земјиште со намена за изградба на хотелски комплекси и деловни простории во општина Центар.
„Станува збор за две градежни парцели, наменети за изградба на хотелски комплекси кои се со површини од 2.350 и 3.742 м2 и една градежна парцела, наменета за изградба на деловни простории која е со површина од 2.447 м2, вкупно три објекти и тоа на секоја градежна парцела по еден објект“, велат од министерството.
„Фокус“ пред десетина дена ги најави јавните аукции коишто ќе се оддржат на 30 септември годинава и на кои ќе се продаваат три државни парцели кај Спортско-рекреативниот центар – Кале.
Почетна цена на електронското јавно наддавање за градежната парцела каде може да се гради објект со деловни простории, изнесува 6.000 денари по квадрат, додека почетната цена за парцелите наменети за хотел е 61 денар или околу евро по метар квадрат. Наддавањето ќе се врши во чекори, односно за првата парцела секој чекор треба да изнесува најмалку 600 денари, додека за другите две чекорот не смее да биде помал од 10 денари.
Објектот кој има намена за деловни простории треба да биде висок 25 метра со подрум, шест ката и поткровје, а истите карактеристики ги имаат и хотелските комплекси.
Според огласот најповолните понудувачи се должни фасадното обликување на објектите да го изработат во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавање на одобрение за градење, потребно е Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект.
Деталниот урбанистички план за овој реон е донесен во декември 2012 година.