Преку мерката „Помош за млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, уште стотина земјиделци ќе добијат неповратна финансиска помош од 10.000 евра. Според министерот за земјоделство Трајан Димковски, со оваа мерка се излегува во пресрет на младите земјоделци кои имаат желба да се занимаваат со земјоделство, да инвестираат во сопственото земјоделско производство и да почнат свој бизнис.
-Младите луѓе во руралните средини се нашиот главен приоритет и работиме посветено на поголема поддршка за нивниот развој. Со поддршката на младите ќе се придонесе за развој на руралните средини, вработување преку отворање на соствен бизнис на младите луѓе, внесување нови и модерни технологии, што крајно ќе резултира со зголемено земјоделско производство – изјави Димковски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, пак, посочи дека проекти и бизнис-планови од млади земјоделци има во сите региони.
-Со задоволство можам да кажам дека за разлика од минатиот оглас на овој сега има мошне креативни идеи за развој на нови бизинси во агросекторот, а кои ќе бидат менаџирани од млади. Средствата се неповратен грант, а со овие пари апликантите ќе набават сенопревртувачи, машина за нижење тутун, млин за сточна храна, машина за извлекување коски од сува цреша… – рече тој.
Во рамки на двата повика за млади земјоделци објавени досега, склучени се 526 договори за инвестиции.