Во Битола минатата ноќ во 2 часот и 30 минути бил запален автомобилот на Јасминка Кочевска, член и активист на СДСМ. Таа вели дека нејзиното семејство со никој се нема замерено и не знае кој стои зад ова.
Останав без работа, а сега и без автомобил. Досега сме немале никакви закани, освен што сме против оваа власт како членови на СДСМ. Јас заради тоа ја изгубив и работата. Сега сум во опозиција и без работа. Не знам што е причината и не знам што стои зад овој настан, изјави Јасминка Кочевска за телевизија Телма.
Пожарот зафатил и три други возила, а во близина нема камери, ниту некој од соседите ги видел сторителите. Полицијата покрај опожарениот автомобил пронашла хируршки ракавици и фантомка.
-Во овој случај предизвикана е материјална штета од 1 милион денари, а во близина на местото на настанот пронајдени се материјални траги кои што ќе бидат предмет на криминалистичко вештачење, изјави Магдалена Димитровска, портпарол на СВР Битола.
Од полицијата велат дека во интерес на истрагата не можат да откриваат детали, но барем засега, велат немаат индиции дека е овој случај е полтички мотивиран.
Во вторникот целосно изгоре возилото „тојота корола“ на битолчанецот Марјан Јовановски, исто така активист на СДСМ.