Уште еден мини конфликт со многу жртви за собирање политички поени

by fokus

Хамас и Нетанјаху во оваа мини војна влегоа со потполно исти цели – собирање дневнопoлитички поени меѓу своите гласачи, кои се подеднакво незадоволни од властите и во Израел и во Газа. Сепак, овој конфликт, случајно или не, откри низа стратешки слабости и на Израел и на Палестинците, што значи дека начинот на војување на Блискиот Исток, полека, но сигурно ќе мора да еволуира, или во најдобро можно сценарио, целосно да исчезне.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

По тринеделна размена на „скуд“ ракети и авионски бомби, конечно е договорен прекин на огнот помеѓу Палестинците во Појасот Газа и израелската армија. Овојпат, за среќа, не дојде до копнена интервенција на Израелците со булдожери (во минатото така ги напаѓаа Палестинците), но и без тоа, бројот на жртви на двете страни се мери во стотици, од кои најголемиот број цивили.

Ако се знае дека фактичката состојба на теренот воопшто не се промени и остана иста како и пред педесет години – логично се поставува прашањето кој го покрена и за што служеше овој конфликт?

ПАЛЕСТИНА – ПОСТАПОКАЛИПТИЧНО СЦЕНАРИО

Кој ги гледал филмовите со апокалиптична сценографија како „Лудиот Макс“ или „Морски живот“, многу лесно би ги препознал овие филмски клапи во Појасот Газа“.

Станува збор за не цели 500 квадратни метри територија (40 на 10 км) во кои побегнале, дури неколку милиони Палестинци од војните во 1948, 1967, 1973 година, како и помалите воени конфликти, кои се повторуваат секоја година. Самото ова кажува дека се работи за најгусто населеното место на светот, кое е 99 отсто опколено од израелска територија, со исклучок на еден единствен граничен премин спрема Египет.

Оваа територија, како и остатокот од Палестина, има проблем со обезбедување питка вода, а проблем е и самата канализација, која редовно тече по улиците. Кога на тоа ќе се додадат и екстремно високите температури на воздухот и немаштијата на населението, кое навистина нема што да работи во овој голем концентрационен логор, со сигурност може да се констатира дека Појасот Газа е едно од најлошите места за живеење во целиот свет.

Е, во такви услови веќе со децении во Газа владее движењето Хамас, кое барем декларативно ветува ослободување на Палестина од израелската окупација. Оваа полутерористичка организација го нема ниту знаењето, ниту способноста да раководи една држава, а сигурно ја нема ниту силата да го победи Израел.

Затоа, за да останат популарни, единствен начин е да креираат краткотрајни воени конфликти (долгорочни не можат да издржат) и со тоа да ја билдаат својата политичка популарност помеѓу напатениот палестински народ. И тоа и не би било толку страшно, доколку од другата страна, нема луѓе кои размислуваат токму на истиот начин.

Таков пример е актуелниот израелски премиер Бенџамин Нетанјаху, кој е веќе со децении на чело на владата во Тел Авив (по ново Ерусалим) и е поврзан со најмногу криминални афери од кој било премиер во историјата на Израел.

Самите негови сограѓани велат дека Нетанјаху ќе оди во затвор истиот оној момент кога ќе падне од власт и затоа не може да дозволи тоа да се случи. А, најдобар можен начин да се држи популарноста во една  милитаризирана држава како Израел е со сеење страв од замислениот непријател.

Значи Хамас и Нетанјаху се идеалната можна комбинација за одржување на крвавиот статус кво по цена на многу недолжни цивили.

КАКОВ Е СООДНОСОТ НА СИЛИТЕ  НА ТЕРЕНОТ?

Иако Израел е Израел ( велесила) во светската политика и дипломатија, нивната стратегиска позиција, воопшто не е подобра од појасот Газа, кој го објаснивме претходно. Тие во суштина и самите се еден вид обиколени Палестинци од преку 300 милиони екстремно непријателски настроени Арапи и Муслимани.

Веќе со децении се заговара идејата сите Арапи да облечат пустински чизми и во еден марш да го прегазат Израел (што не е исклучено дека еден ден може и да се случи). Од едно вакво сценарио на судниот ден, не ги спасува нити Америка, ниту Русија, туку атомските проектили кои нелегално ги имаат скриено на подморници во Медитеранот и во Персискиот залив.

Од друга страна, Палестинците секогаш служат како монета за поткусурување на останатите арапски народи. Колку и да звучи лошо, Египет, Јордан, па и Иран, нив ги користат како не скриена, туку јавна терористичка ќелија која се активира само по потреба и кога на Израел, или на САД, треба да им се пренесе некоја порака. Впрочем, да имаа Арапите искрени намери да ги спасат своите навистина измачени палестински браќа, тоа  одамна ќе го направеа.

Сепак, овој конфликт колку и да беше инсцениран и неправеден кон цивилното население од двете страни, покажа неколку интересни работи.

Како прво дека израелскиот противвоздушен систем „челичен дом (купола или штит)“ не е толку непробоен колку што се мислеше. Навистина тие соборија голем дел од застарените советски ракети со краток или среден дострел, кои се фрлаа над нив, но сепак, не ги соборија сите. Познато е дека овие „Скуд“ ракети со мала модификација се способни да носат и некое ограничено нуклеарно полнење.

Е, замислете  сега во  еден вистински конфликт да остане несоборена, или до Тел Авив (еден од најгусто населените градови на светот) да долета само една единствена нуклеарна бомба – колкав би бил бројот на жртвите тогаш?

Втората работа, која ја покажа овој мини воен конфликт е дека во дигитална ера на социјални медиуми – се потешко е да се прикрие израелската бруталност и свирепите методи. Точно е дека Палестинците се многу попримитивни во војувањето и воопшто не се невини – но нив ретко кој може да ги обвини кога од другата страна се борат со една меѓународно призната држава членка на Обединетите нации.

Ова значи дека во следниот конфликт во Појасот Газа или на Западниот брег уште повеќе очи и дигитални камери ќе бидат вперени кон израелската армија, која сценаријата со булдожери и Ц4 експлозиви, полека, но сигурно треба да почне да ги заборава.

 

 

Поврзани новости