Имаат ли цена слободата и вербата во добро?

by fokus 16:30
16:30

Можеби навистина има луѓе, интелектуалци кои за „грст евра“ одлучиле да ги снема, до некои подобри времиња и понуди „за репортажи“ од плажи? Колку „грста“ чини образот, а колку интелектуализмот 

Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ

- Advertisements -

Македонија сѐ повеќе тоне во недемократија. Онаа интеграциска заврзлама што ја предизвика недоветноста на Заев и неговата свита отвори канал за бескраен криминал и сѐ повеќе мафијашка окупираност на институциите. Еве нема да употребам „заробена држава“, за да не се лутат оние што денес наоѓаат нови дефиниции за поимот. Но, и „заробена држава“ претпоставува и подразбира партија, а не мафија, нели?

И со право многумина со месеци се (но и ме) прашуваат зошто молчат тие што толку се залагаа за демократија, за напредок, за слобода, дури и за дрвја и за цигли се врзуваа? Прашуваат каде се сега интелектуалците пред овој налет на уништување на образованието, на здравството, на институциите, на правниот систем, на сѐ што треба да претставува здрава администрација во едно здраво општество, кое, за жал, сѐ повеќе Македонија не е?

ЈУНАКОТ НА ПРИКАЗНАТА

Пред вас сега ќе отворам една случка, која можеби се случила, а можеби и не. За тоа дали би поверувале во неа, веројатно ќе зависи од вас и вашата верба во состојбите. Бидејќи, сведоци и материјални докази нема. Има учесници, чии спротивставености ДА и НЕ може и веројатно е да тежат еднакво.

Некаде кон крајот на едно заробено општество и зачетокот на една мафијашка окупираност, еден новинар од оние што предупредуваа на сето она што денес се случува, остана без работа. Медиумот каде што работеше, се затвори во налетот на правната неправда, носен на крилата на тие што бараа некаква правда. Една ноќ, пред некој празник, се договорил да се види со нему по судбина блиски луѓе, да разменат некој збор, да не се чувствуваат осамени во маките. Изборот на местото за средба бил спонтан, како што вели, договорен на среде пат, во автобус, по мобилен.

Веќе на влезот во локалот ликот бил пресретнат од нему на лик познаник од порано. Се поздравил културно, но ликот по кусо време му пришол на масата и со некаква еуфоричност и несвојствен излив на блискост, инсистирал да се видат и поразговараат насамо, подалеку од другите. Јунакот на приказнава, помалку за атер, а повеќе за да направи простор за понатаму на само со пријателите да си поседат „на раат“, седнува на друга маса.

Одеднаш, барем според кажувањата, еуфоријата кај познаникот ја снемува, настапува сериозност. Ќе се обидам да пренесам зборови. „А бе, што правиш ти во јавноста, не ли гледаш каде одат работите? Немаш денар, знам дека плата немате. И нема да имате, ќе ве затворат. Туку, слушај сега, послушај, не ти мислам лошо, и тебе ти треба некој денар, па сите се нафатираа.  Сѐ што треба е да те снема од медиумите, од јавноста едно три- четири месеци.

Потоа ќе отидеш кај Човекот, оној што беше независен, а сега министер во влада, и ќе ти се обезбеди работа. Во странство, дописничка ли, некој проект, а може и од тука, како што сакаш. Ќе си правиш репортажи, немој политика, остави. Сите на себе мислат, кого браниш, слушаш ли бомбите, бе. Еве земи за сега, а после јави се кај Човекот, имаш негов број ќе ти даде уште толку. Да преживееш, леб дома да однесеш“.

ПАРАНОЈАТА СИ ГО ПРАВИ СВОЕТО

Според раскажувачот, одеднаш на маса бил ставена полуотворена торба, повеќе актовка, помалку ранец, во која како што вели имало 50.000 евра. „На, земи ги, уште толку ќе добиеш ако дадеш отказ и те снема од медиуми. Таман ти се за некој месец, да искочиш од долгови и сметки“, рекол ликот.

На овој дел од приказната, мене молкум „ми падна вилица“. Раскажувачот продолжи. „Тргни ги одма од маса, да не види некој. Собери си ги и оставете ме на раат“, рекол, па според зборовите помислил дека му треба излезна карта, па додал „ќе го побарам јас чоекот деновиве, а и ти дај ми телефон да се слушнеме“. Станал и си заминал кај пријателите.

За кусо време, на ливче добил број од познаникот што пришол да се поздрави пред да замине од локалот. Остатокот од вечерта, ми вели, го поминал само со „физичко присуство“. Умот му бил на друго место. Пред сѐ, во обид да ја реши мистеријата од каде што знаеле каде ќе седне, во кој локал, кога местото го избрале дури за време на „патување“ до центарот на градот, во автобус. Го прислушувале? Другите на маса, можеби и тие се вклучени? Кој ли сѐ има на другите маси? Да не можеби некој фотографирал, да не снимале? Параноја!

Раскажувачот се колне во децата дека никогаш не зажалил што не ги земал парите. Донкихотовски цел живот се бори да ги промени нештата, особено што Образот му е многу важен дел од себе. И продолжува да се бори, слушам добро му оди. Но, за оваа негова сторија ретко кој знае. Сѐ уште не знаат ниту оние со кои седеше вечерта. Барем така вели. Паранојата си го прави своето, а можеби и ќе го наречат лажов, смета тој.

Сепак, многу случувања во општеството, исчезнувањето на некои до скоро многу гласни дејци, па и п(р)ојавувањето на нови гласници, кои што на овој или оној начин го „сецкаат“ отпорот кон окупацијата на мафијата, сѐ повеќе ми даваат за право да верувам во случката опишана погоре.

Можеби се случила, можеби не. Можеби навистина има луѓе, интелектуалци кои за „грст евра“ одлучиле да ги снема, до некои подобри времиња и понуди „за репортажи“ од плажи? Колку „грста“ чини образот, а колку интелектуализмот? Имаат ли цена слободата и вербата во добро?

Ете, јас одлучив да ја споделам приказната на познаникот, кој го знам толку долго и толку добро колку што се познавам себеси. И, јас му верувам. И како што и пишав на почетокот, ваше е дали ќе му верувате и вие.

 

 

Поврзани новости