По две и пол годишната казна затвор, сопственикот на порталот ,,Доказ-М”, Марјан Стаменковски, е осуден на уште две затворски казни, кои се уште не се правосилни.
Едната казна од една година и два месеци му е изречена за ,,пиратерија”, а втората од 10 месеци за кривичното дело ,,Уцена”.
Поточно од скопското обвинителство појаснуваат дека казната затвор за пиратерија му била изречена пред неколку дена, откако обвинетиот признал вина.
-По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од член 157-б став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основниот кривичен суд Скопје на 12.03.2024 година донесе Пресуда врз основа на признание на вина и го осуди обвинетиот на казна затвор во траење од една година и два месеци, велат од Обвинителството за ,,Фокус”.
Оттаму ги појаснуваат незаконските дејствија на Стаменковски.
-Обвинетиот е осуден затоа што во периодот од јануари 2022 до јануари 2023 година, на неговиот интернет портал, без одобрение од овластен дистрибутер, противправно објавувал епизоди од телевизиски серии, овозможувајќи нивно неограничено јавно прикажување. На тој начин тој оштетил правно лице – телевизија која со овластениот дистрибутер имала склучено ексклузивен договор за емитување на телевизиските серии на територијата на Република Северна Македонија.
Со пресудата, обвинетиот е задолжен, во рок од една година од правосилноста на пресудата, да и ја надомести причинетата значителна штета на телевизијата во износ од 6.765.000 денари, велат од Обвинителството.
Од Кривичниот суд пак добивме одговор дека неодамна Стаменковски е осуден и на казна затвор од 10 месеци за уцена.
-Предметот со К.бр. 1354/23 за кривичото дело Уцена е завршен со првостепена пресуда која по добиена жалба е пратен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.
Согласно првостепената пресуда се осудува на казна затвор во траење од 10 месеци, ни одговорија од Кривичниот суд.
Стаменковски веќе издржува затворска казна од две и пол години. Тој се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци. Делот за уцената падна на Апелација, по што Кривичниот суд сега повторно го осуди на 10 месеци затвор.
На Стаменковски му беше изречена и „забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела“, односно забрана да врши регистрација на домеин и да се јави како регистрант или сопственик на портал за време од шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домеини во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.
Сепак, и покрај забраната, тој преку своите блиски продолжи со објавување на текстови на други сајтови, однoсно текстовите со навредлива содржина не запреа.