По спогодбите со седуммината осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство склучи Предлог -спогодби со уште седум лица од групата од Грчец.
Откако беа запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, тие го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.
Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд ги прифати Предлог-спогодбите и лицата ги огласи за виновни за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато на С.С.(34) во траење од пет години, на Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) во траење од по три години и шест месеци и на И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) во траење од по три години.
Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други НН лица, во повеќе наврати неовластено купувале наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и ја криеле на безбедни локации во Грчец.
Заради неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови.
Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5000 денари по грам за кокаин и од 12-15.000 денари за 100 грама марихуана.
Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.