Уште 55 пациенти хоспитализирани во ковид центрите во Скопје поради компликации со вирусот

by Fokus

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 55 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, соопшти денеска Министерството за здравство, од каде информираа дека на инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 406 пациенти сомнителни и потврдени за Ковид-19 и голем дел од нив се на кислородна поддршка.

– Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 76 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, велат од Министерството за здравство.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и ковид центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за Гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и ковид центарот на Клиниката за уво нос и грло.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 28 приеми, а вкупно се лекуваат 166 пациенти.
Во текот на вчерашниот ден во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало четворица примени пациенти, а 12 биле примени на Инфективната клиника, додека на Институтот за белодробни заболувања во Козле не биле примени пациенти.

Според статистиката на ресорното Министерството, во ГОБ 8 Септември има вкупно 79 болни, на Клиниката за инфективни болести 131 пациент, додека на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле 25 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Во изминатите 24 часа, дома се пуштени 32 оздравени пациенти

Поврзани новости