Сведокот на одбраната во случајот „Тенк“ за набавка на луксузниот мерцедес, Марјан Милошевски рече денеска пред судот дека старото блиндирано возило „мерцедес С500“ било произведено во 1993 година и дека не било користено од претходниот премиер (Владо Бучковски). Тоа, како што рече, го утврдиле по тоа што деловите од подвозјето биле рѓосани.
– Ова возило беше однесено на сервисирање. Имаше поминато 100.000 километри. И доколку јас би се прашувал уште тогаш возилото требаше да биде ставено надвор од употреба и да биде набавено ново, рече Милошевски, кој е вработен во МВР и бил возач на блиндирано возило.
Наведе повеќе примери кога возилото ги оставало во дефект. Таков бил случајот кога се враќале од браната Злетовица кога менувачот се заглавил во втора брзина поради што премиерот морал да го возат со друго возило, со што бил доведен во опасност неговиот живот.
-Поради тоа му сугериравме на Дејан Митровски – Урко, кој беше во контакт со премиерот, да му укаже на потребата од набавка на ново возило, рече Милошевски.
Лично, како што истакна, на Груевски не му пречело да се вози со друго возило.
– Но ние инсистиравме да се набави ново возило затоа што не дај боже да се случеше нешто ќе одговаравме многу луѓе, рече Милошевски.
На денешното рочиште сведочење и личниот возач на поранешниот премиер Никола Груевски, Ацо Јаневски, како и останатите сведоци на одбраната. Тие посочија дека набавката на мерцедесот била неопходна.
Јаневски рече дека често се соочувале со механички проблеми од кои како главен проблем биле гумите на возилото, барајќи такви гуми веќе не се произведувале и морале да стават други, со што како што додаде, била загрозена безбедноста на премиерот.
– Такви неисправни возила не треба да бидат во употреба, рече Јаневски, додавајќи дека сугерирале до надлежните дека возилото не е за користење и оти треба да се најде соодветна замена.