УРБАНИСТИЧКА ЗОНА НА САМРАКОТ

by fokus

Важно се гради, гласеше оној подбив од борците за правда. Ама сега ги нема да писнат, крими-театарот мора да продолжи. Владата е на стаклени нозе, година на локални избори е, дупките мора да се покријат со градежен шут. И свои и дупките на ДУИ. Во оваа урбанистичка епизода на „Зона на самракот“ веројатно и рушењето кај „Мавровка“ чини пет пари, ама буџетски

Пишува: Наум СТОИЛКОВСКИ

Сакам да пишувам за политика, ама криминалот не ми остава простор. Всушност, криминалот е политика на власта. Јас не сум од тие што се радуваа за рушењето кај „Мавровка“. И не, јас не сум ни од оние што кудат до каде сме дојдени, да се радува власта што си ја работела работата.

Не и не! Затоа што, според сите сознанија, и рушењето на бетонот што гледа на Судска палата е криминал! Ниту оној што градел имал право да гради, ниту оној што сруши имал право да сруши! Важно се договориле СДСМ и ДУИ да рушат. Криминалистичка егзекуција од двете „банди“ кон нешто што може да ги издаде во криминалот. Македонска урбанистичка зона на самракот!

ШИЛЕГОВ СЕ ПРАВИ „НА ТОШО“

Горчи фактот дека инвеститорот беше мистериозен додека се готвеше власта, веројатно за да не изгори лончето. А сега шират небулози дека рушењето било главна тема при лепењето коалиција. Мижи Асан да ти бајам! Недостасува само Заев да рече дека онаа брза акција во Тетово за плацот на ШИК Јелак, плацот за кој зборува балканскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, исто била дел од преговорите. Брука, да не е трагично, би било пресмешно!

Не така одамна власта се залета кон Струга да ги одземат ингеренциите, па Рамиз Мерко не ги даде. И лани за тоа пукна тиквата меѓу СДСМ и ДУИ, а Зоран Заев и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети се здавија за Матка. Константин Георгиески од Охрид порача дека е загрижен за својот живот, па не бил луд да му руши на советникот Нефи Усеини.

И во сите случаи се збореше за правна рамка, за преземање на ингеренциите во локалниот урбанизам. А денес во Чаир, во чии граници е ТЦ „Мавровка“, никој не виде постигната согласност, заверена од локалниот совет, владата да ја преземе надлежноста.

Да, прашувам каде е правниот аспект? Општ е впечатокот дека сето ќе минеше и без рушење и со легализирање на бетонското чудо, ако не се кренеше приказната во медиумите. Разговарале при формирање влада, како да не?

А „Мистериозниот“ инвеститор покажа документација и уплатници за легализација. Меѓу нив и документи издадени од Град Скопје на Петре Шилегов. Дури има и признаница дека уплатил, како вели потоа Шилегов, надомест за легализација. Ама и тој се прави „на Тошо“ затоа што според ниеден позитивен закон не може да се легализира привремен објект, место со урбана опрема, тенди, маси и столчиња, како што бил претходно.

Уште повеќе, тоа е дел од градежната парцела на ТЦ „Мавровка“, што може туку-така да се отцепи. Тие документите ја покажаа суштината на криминалот и незаконието во урбанизмот, кој мораше да се покрие, да се затрупа со градежен шут!

КРУЖЕН ТЕК НА ДИВО

Затоа и просторот при рушење не беше обезбеден, ниту не верувам дека постои елаборат за рушење. Гол театар за задоволување страсти! И не се ова „субјективни слабости“, како што ги вика Шилегов. Тоа е систем, воведен од кој друг, ако не од Зоран Заев.

За тој систем пишував во колумната „Архитектот на Глобал може да го затвори Заев“, објавена лани во „Фокус“, а се однесуваше на ДКСК и нивниот година и половина незатворен проект за Заев и легализацијата на Глобал.

Всушност, Заев како градоначалник на Струмица воведе систем на легализации, прво преку Глобал, а потоа и за хотелскиот комплекс Цареви Кули распослан на територија колку половина Струмица. Систем на блиски, како ги нарекува Шилегов „определени службеници“, кои со Заев го легализираа Глобал, па продолжија со дејствата со уште многу дела.

И тој модел, со мали измени, се следи во секоја општина каде што локални моќници и блиски до политичките структури градат и легализираат. Според сознанијата, веројатно има уште најмалку 80 дивоградби во Струмица.

И во Скопје е така. Можеби во меѓувреме ќе излезе во јавноста дека на диво се гради сообраќајница, кружен тек! Скопска општина гради без одобрен и издаден посебен сообраќаен режим од Град Скопје и од МВР, без што не е можно да се добие одобрение за градба. Макар и да е во процедура, сепак е дивоградба. Ако може Заев, можат и неговите пулени. Сѐ за популизам. Шилегов верувам пак ќе го спомнува Тошо.

Важно се гради, гласеше оној подбив од борците за правда. Ама сега ги нема да писнат, крими-театарот мора да продолжи. Владата е на стаклени нозе, година на локални избори е, дупките мора да се покријат со градежен шут. И свои и дупките на ДУИ. Во оваа урбанистичка епизода на „Зона на самракот“ веројатно и рушењето кај „Мавровка“ чини пет пари, ама буџетски!

Поврзани новости