Во истрагата што денеска ја отвори Обвинителството, а која се однесува на дел од „Проектот Скопје 2014“, односно за фасадата на Владата, еден од осомничените е Васе Донев, поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, но и управителот на фирмата „Бауер БГ“ дознава неофицијално „Фокус“.
Оваа компанија беше ангажирана за изведбата на фасадата, која чинеше 17,7 милиони евра, а за која неделникот „Фокус“ веќе пишуваше дека има сомнежи дека била прескапо платена, но била и лесно запалвлива.
Според обвинителството, првообвинетиот управител на фирмата ја изиграл постапката за јавна набавка.
-Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000 денари (или речиси 7,9 милиони евра), наведуваат од Обвинителството.
Исто така, според обвинителството, анганижираниот подизведувач при изградбата не го ставил материјалот кој бил предвиден со основниот проект.
-Подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект, велат од Обвинителството.
Исто така управителот на „Бауер БГ“ е осомничен дека од 2014 до 2015 година прибавил 144.000 евра за политичка партија, односно како што неофицијално дознаваме за ВМРО-ДПМНЕ.
-Тој, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија, велат од Обвинителството.
Инаку, како што е познато, „Бауер БГ“ доби многу големи тендери за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, пред се од Град Скопје додека градоначалник беше Коце Трајановски, а воедно компанијата учествуваше во изградбата на објекти од проектот „Скопје 2014“.
Но и по смена на власта, компанијата продолжи да добива тендери. Па така, компанијата соработуваше со Градот Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир, при што се издвојува договорот со Градот на чело со Петре Шилегов склучен во март минатата 2019 година за изградба на првата фаза од булеварот АСНОМ, во вредност од 915 илјади евра.