(АРХИВА) Фасадата на Владата не била само „ружна“, туку и лесно запалива!?

by Fokus 10:37
10:37

Текстот е објавен во неделникот “Фокус”, на 22 декември 2021 година.

Ако не знаеш што е убаво, избери го тоа што е скапо. Ваквата парола сепак не важи секогаш, барем не кај нас, поучени од проектот „Скопје 2014“. Иако, барокната фасада на Владата ја плативме 17,7 милиони евра, сепак, под превезот на кичот, се криело уште едно непријатно изненадување. Според информациите на „Фокус“, обвинителството е на трага дека материјалите од кои е изработена се лесно запаливи! Засега е сигурно дека Владата не „падна“, но очигледно никој не може да гарантира дека, не дај боже, лесно може да изгори

Пишувала: Валентина ВУРМО

Тешко дека некој се сеќава, дека едно ноемвриско утро во 2014 година избувна пожар во Владата, поточно се запали барокната фасада, тогаш сѐ уште недовршена. Бидејќи стануваше збор за витален објект, за неколку минути пристигнаа шест противпожарни возила и 15 пожарникари, кои брзо го изгаснаа огнот, не дозволувајќи да се прошири на првиот кат.

Тогаш првичната информација беше дека пожарот избувнал поради искри при заварување во објектот, односно при поставување на хидроизолација.

Откако се заврши добро, инцидентот се сметаше за случајна несреќа и не покрена сомнежи за самиот квалитет на фасадата.

По неколку години, пак, сепак, се појавија сомнежи дека овој случаен пожар и не бил баш случаен. Не алудираме дека бил подметнат, туку дека не бил за изненадување, ако се земе предвид квалитетот на фасадата, која го чинеше народот 17,7 милиони евра!

ОБВИНИТЕЛСТВОТО НАМИРИСА ЧАД НА ИЛИНДЕНСКА

Имено, како што дознава „Фокус“ од доброупатени извори, и фасада на Владата е под лупа на истражителите и обвинителите, кои веќе со години го истражуваат проектот „Скопје 2014“.

Неофицијално, сомнежите се дека материјалот што требало да биде употребен при изработката на фасадата не е со истиот квалитет како оној што е испорачан. Она, пак, што го засилува алармот е што наводно станува збор за материјал кој е лесно запалив, односно во случај на пожар, пламените јазици за краток период би ја „проголтале“ зградата.

Она што сега е задача на обвинителството е да утврдат дали материјалите кои биле наведени во тендерската документација се истите кои се употребени при изградбата?

Постои можност материјалите да се разликуваат, односно да е употребен еквивалент на нив, односно различни градежни материјали, но со ист квалитет. Сѐ друго ќе се смета за злоупотреба.

Исто така, не е на одмет да истражи и зошто од најавените 9 милиони евра, фасадата на крајот чинеше двојно повеќе?

„Фокус“ се обиде да дојде до тендерската документација, но од Владата ни посочија дека уште пред две години, целокупната документација е предадена на Обвинителството.

Оттаму, пак, не откриваат детали за тоа до каде е предистрагата за „Скопје 2014“, која ја активираше некогашното СЈО.

Предметите познати во јавноста како „Скопје 2014“ се во предистражна постапка. Со оглед на тоа што Проектот „Скопје 2014“ опфаќа повеќе сегменти, што подразбира различни објекти и различни инвеститори и изведувачи, се работи за повеќе предистражни постапки по кои постапуваат надлежни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ни одговорија од Обвинителството.

Обвинителката Елизабета Јосифовска, која заедно со колегата Љубомир Лапе, го истражуваа случајот, вели дека во изминатиот период активно работат на предметот.

Напредната е предистрагата, но сѐ уште не е донесена јавна обвинителска одлука за отворање истрага, ни изјави обвинителката Јосифовска, која додава дека е можно предметот да се подели на делови, како што и сега се работи, бидејќи е многу обемен.

НИКОЛОВСКИ: ФАСАДАТА НА ВЛАДАТА Е ЛЕСНО ЗАПАЛИВА

Сомнежот, пак, дека фасадата не е изградена со квалитетни материјали виси веќе со години, односно со првите видливи оштетувања на фасадата, од каде што наѕираше стиропор.

Оваа тема слободно може да се каже дека прв ја отвори д-р Петар Николовски, дипломиран инженер-архитект, кој со децении се занимава со енергетската ефикасност на фасадите. Тој уште во 2015 година алармираше дека објектите од мегаломанскиот проект се ризични и особено небезбедни при пожар.

Во разговор за „Фокус“ и сега вели дека останува на истиот став од пред неколку години, односно дека речиси сите објекти од проектот, со исклучок на два-три, се со неквалитетни фасадни облоги кои се лесно запаливи. Но, она што е уште поважно, како што додава, е што овие облоги многу лесно го пренесуваат пожарот кон горните катови.

Тој истакнува дека низ годините не недостасувале критики за кичерајскиот изглед на објектите, со акцент на сурогат „барокни“ обработки на фасади, но не сретнал некој од неговите колеги да ја отвори темата за пожарната безбедност. Односно, за потенцијален ризик од појава на пожар и однесување на вакви фасадни облоги во случај на пожар.

Тој појаснува дека декоративните елементи употребени во „китење“ на фасадите главно се изработени од  три материјали: експандиран или екструдиран полистирен (општо познат како стиропор), полиуретан и рециклиран стаклен гранулат.

-За разлика од стаклениот гранулат, кој за жал, поради високата цена многу малку е употребуван, првите два материјали спаѓаат во групата на гориви материјали и тие масовно се употребени во зградите од проектот „Скопје 2014“.

Светскиот и европскиот тренд за градба на енергетски ефикасни згради ги употребува овие материјали како извонредни топлинско-изолациски материјали, со дебелини од 10-30 см, но строго според пропишаните упатства, особено во поглед на пожарната сигурност, вели нашиот соговорник.

Нашите „барокни“ фасадни обвивки, според Николовски, пак се изработени од гориви материјали, со дебелини обично од 1-2 см, без надворешна минерална противпожарна заштита од 8-10 мм, прицврстени на метална потконструкција, која обвивката ја оддалечува десетина сантиметри од основниот ѕид и на тој начин формира воздушен простор (еден од трите услови за пожар).

-Овој воздушен простор во случаите кај облогите на вертикални фасадни површини и столбови формира извонреден оџак за ширење на пожарот во височина, предупредува инженерот-архитект.

Тој вели дека неговите песимистички анализи не се гола фантазија.

-За ова говорат горките искуства во други земји, кои применувале слична технологија за имитација на поранешни архитектонски стилови, но со фалш материјали и технологија, вели Николовски.

ДЕМОНТАЖА НА ФАЛЦ БАРОКНИТЕ ФАСАДИ

Тој се потсетува дека по еден катастрофален пожар во Баку, со многу човечки жртви и повредени, се запалил црвениот аларм. Односно, тамошните власти донеле одлука на сите повисоки згради да се демонтираат горивните фасадни облоги, бидејќи по гаснењето на пожарот останала само металната потконструкција на која била прицврстена фасадната облога.

Тој вели дека досега требало да се изврши демонтажа на опасните фасадни облоги на зградите од „Скопје 2014“.

-Тоа требаше да се направи како превентива, за во иднина, односно заштита на можните материјални добра и човечки животи, вели Николовски.

Токму поради овие предупредувања во Владата прашавме дали се свесни за ризикот и дали се преземени дополнителни мерки за противпожарна заштита?

Службата  за општи и заеднички работи на Владата на Северна Македонија ги презема сите потребни мерки за заштита на објектите што се под нејзина надлежност, согласно законот, ни одговорија од Владата.

За сознанијата на „Фокус“, пак, дека фасадата е изработена од лесно запалив материјал, од Владата велат дека не можат да ги споделат своите информации.

Обвинителството има отворено предмет и треба да ја утврди фактичката состојбата. Затоа додека трае постапката за да не се наруши истрагата, нема да споделуваме информации, додаваат од Владата.

ЗАЕВ НЕ ЈА СОБЛЕЧЕ ФАСАДАТА

Идејата за новото руво на Владата ја имаше владејачката гарнитура на чело со тогашниот премиер Никола Груевски. Имено, во 2012 година, Владата на својата интернет-страница спроведе онлајн-анкета за нов изглед на владата, за да ја легитимира својата веќе донесена одлука, иако архитектот и проектант Петар Муличковски јасно кажа дека не се согласува.

Но, мислењето на доајенот на македонската архитектура не допре до вљубениците во барокот, па го аминуваа новото барокно идејно решение.

Според базата на податоци на „Призма“, за фасадата се потрошени вкупно 17,7 милиони евра, а во изведбата учествувале неколку градежни компании, како, „Аспром“, „Мартин инженеринг“, „Декон Ком“, како и „Бауер БГ“.

По смената на власта, новиот владин состав на чело со премиерот Зоран Заев ги отвори портите од дотогаш забранетиот дворец, но и до крајот на неговиот мандат, тој не ја промени фасадата.

Кога стапи на функција, истакна дека спомениците нема да се отстрануваат, но дека сака, барем една фасада „да соблече“.

Дека тоа треба да биде Владата сметаше и професорот Мирослав Грчев.

-Ова е одвратно, навредливо, варварско сквернавење на едно авторско дело кое има вредност од национални размери, реагираше Грчев.

Промена на фасадата од новата влада бараше и архитектката Даница Павловска, која преку отворено писмо побара да се демонтира барокот.

„Ставот на фелата е јасен-гипсот треба да се тргне од фасадата, но мерки не се преземаат“, пишуваше поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Заев, пак, се оправда дека Владата нема пари за отстранување на фасадата, бидејќи анализите покажале дека таков зафат би чинел 50 отсто од сумата потрошена за нејзина изградба.

ПРЕДИСТРАГА СТАРА 7 ГОДИНИ

Новите сознанија на Обвинителството, за лесно потпалувачката фасада, која од друга страна била платена енормно скапо, се последното чкорче кое можат да ја „распалат“ веќе одамна зачмаената предистрага.

Верувале или не, првата предистрага за мегаломанскиот проект се отвори пред уште седум години. Најпрвин, обвинителството, под палката на тогашниот републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, три години „истражуваше“ криминал, а толку време изарчија и специјалните во СЈО. Тие го оживеаја предметот, но тој повторно замре откако се врати во редовното обвинителство.

Додека сѐ уште функционираше СЈО, шефицата Катица Јанева, во неколку наврати изјави дека предистрагата е при крај, но нема да потпише истрага сѐ додека не се докаже каде завршиле буџетските пари. Дали средствата завршиле кај физички или правни лица и дали се тука или изнесени надвор од земјата.

Откако случајот премина во редовното обвинителството, се запна кај одлуката дали предметите треба да се спојат во еден, или да одат посебно.

Последните пресметки укажуваа дека проектот „Скопје 2014“ тежи 680 милиони евра, а не 80 милиони, како што тврдеше Груевски. Десеткратно зголемената сума, пак, натовари и сомнеж за коруптивна вмешаност на десетина поранешни функционери.

Иако предметот сѐ уште се наоѓа во предистрага, сепак, веќе постои  листата на потенцијални осомничени, на која се наоѓаат десетина поранешни функционери. Прв во фокусот бил екс премиерот Груевски.

Ова не е за изненадување, бидејќи и по „бомбите“ што беа објавувани јавно се создаде впечаток дека тогашниот премиер бил идејниот творец, планер, дизајнер и реализатор на проектот. И додека во СЈО немале дилема дека Груевски е мозокот, тргнале да го бараат и оној кој го одврзал државното ќесе.

ЛИСТА НА МОЖНИ ОСОМНИЧЕНИ

Наводно, дел од трагите воделе и кон Зоран Ставрески, односно тогашниот  министер за финансии.

Името на Ставрески за првпат се појавува меѓу потенцијалните осомничени во предметите што произлегоа од СЈО. Тој, иако беше во врвот на претходната влада, и во него беше клучот од државното чекмеџе, сепак, не беше опфатен во ниту една од отворените истраги.

Од објавените „бомби“ се виде дека Ставрески честопати ги критикувал барањата на шефот, па каде што била матна работата, се оградувал и не ставал свој потпис.

Освен Груевски и Ставрески, била чешлана и улогата на Владимир Здравев, поранешниот претседавач на Советот во Општина Центар и директор на МЕПСО.

Според неофицијалните информации до кои дојде „Фокус“, тој бил истражуван како можна врска со леарници во Италија, но и како влијателен играч во Општина Центар.

Здравев беше претседавач на Советот на Општина Центар во мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, од 2009-2013 година, и тогаш Советот ги донесе сите измени на плановите за да се изведе „Скопје 2014“.

Андреј Жерновски како градоначалник на Општина Центар откри дека Здравев, кога бил претседавач со општината, осум пати патувал во Италија на товар на локалната самоуправа како дел од делегациите што се запознавале со условите за леење на спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Значајно внимание во предистрагата наводно ѝ било посветено и на поранешната министерка за култура Елизабета КанческаМилевска. Таа, пак, неколкупати во јавноста се правдаше дека проектот е чист како солза. Нејзе веќе ѝ се суди за само еден мал дел од проектот „Скопје 2014“, односно таа е првообвинета во случајот „Тендери“.

Под лупата на истражителите за „Скопје 2014“ наводно бил и поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кој во јавните настапи се обидуваше мувата да ја тргне од својата капа. Покрај него, се разгледува работењето и на најмалку 10 поранешни градоначалници од скопските општини каде што има споменици од овој проект.

Како што можната листа на осомничени нема крај, така не може да се очекува, по една деценија, да им се фати крајот и на парите што беа испрани преку овој проект.

Кога во 2015 година граѓаните протестираа против смената на изгледот на Владата, ечеше паролата „Ружна ви е Владата“!

Некој ќе рече дека за вкусови не се расправа, и навистина е така. Но, кога е во прашање безбедноста и полнењето на нечии џебови, тука нема место за преговори!

ПРОГОНОТ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ЗАСТАРУВА ЗА 40 ГОДИНИ

Трагата на испраните пари избледува со секој поминат ден, а тука е и опасноста од застарување на дел од кривичните дела.

Па така, доколку предметот еден ден влезе во судница, со сигурност делото „злосторничко здружување“ би отпаднало поради настапување на релативна застареност, односно рок за кривичен прогон.

Но,осомничените не би се спасиле од „злоупотреба на службената положба и овластување“, член 353 став 5, бидејќи релативната застареност е за 20 години, а апсолутната за 40 години.

Но, кога веќе поминаа седум години, некако достижни се чинат и тие 40.

Поврзани новости