Управата за извршување на санкции демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во малтретирање на член на политичката партија Левица за време на прославата на државниот празник Илинден во Крушево, соопшти денеска Управата.
Во соопштението се посочува дека Управата за извршување на санкциите со внимание ги проследила објавите на електронските медиуми во кои партијата Левица бара од министерот за правда да го разреши директорот на КПУ „Затвор Скопје“, Филип Андов за наводно ангажирање на припадници на затворската полиција и малтретирање на партиски член на прославата на државниот празник Илинден.
– Управата ја провери веродостојноста на наводите од текстот погоре и побара информација од директорот на КПУ „Затвор Скопје“. Согласно добиените сознанија, Управата за извршување на санкциите демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во настанот кој се случил во Крушево. Припадниците на затворската полиција ги извршуваат своите работни задачи институционално т.е. во казнено-поправните установи каде се вработени и немаат никакви овластувања да постапуваат по ничија наредба надвор од затворскиот систем и поврзано со службените задачи, како и вон работното време, се наведува во соопштението.
Од Управата за извршување на санкциите, која е орган во состав при Министерството за правда, посочуваат дека доколку некој во приватно својство учествува во таков или сличен настан, не може обвинувањата да се упатат на кој било функционер кој раководи со институцијата и на сите припадници на затворската полиција, како и да се политизира настан кој нема таква позадина.