Дали новиот директор на ЗОО незаконски е избран?

by fokus

Од Град Скопје информираа дека Драган Илиевски е нов в.д. директор на ЗОО Скопје, откако претходно беше разрешен в.д. директорот Кристијан Стаменов.

„Илиевски има повеќе од 20 години работно искуство на раководни позиции во приватниот сектор. Дипломиран машински инженер е на Машинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а има завршено магистерски студии по Економија“, соопштија од Град Скопје.

Но, според извори на „Фокус“, изборот на новиот директор е спорен, бидејќи не доаѓа од редот на вработените во Зоолошката градина, а наводно во решението му било наведено дека е назначен на позицијата од редот на вработените.

Нашиот соговорник коментира дека во ваков случај, требало да биде распишан оглас за избор на директор надвор од институцијата.

„Фокус“ побара одговор од Град Скопје, од каде што очекуваме повратен одговор.

Претходно пак со забелешки за начинот на избор на директор излегоаа и од „Зелен хуман град“, застапени со два советника во Советот на Град Скопје.

-Можеби тој е добар раководител, но тоа е тешко да се оцени без информации за неговото претходно работно искуство (CV) да бидат доставени до советниците. Покрај тоа, раководител на институција во која се чуваат живи суштества и чии животи зависат од правилно раководење на истата мора да има соодветна едукација и искуство во конкретната област. За жал, назначувањето на директори на јавни институции се врши од градоначалничката функција, а не преку Советот, па Советот нема право на глас за истото. Сепак, кога се консултираат советниците полесно се стигнува до вистинските луѓе за ваквите позиции – сметаат од „Зелен хуман град“.

Поврзани новости