Управа за извршување на санкции: Спасов не бил во ќелија на полноќ, а се вратил во 1.40 часот

by fokus

Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции, појаснува дека осуденикот Игор Спасов на неколку часа го напуштил затворот „Идризово“, по што се вратил самиот, во придружба со друго лице.

-Според извештајот кој го имам, чуварите направиле вонредна контрола на полноќ и тогаш утврдиле дека Спасов не е во просторијата. Во 1.40 часот се вратил самиот, во придружба со друго лице, изјави Стојановиќ за Фокус.

Тој истакнува дека отсуството на Спасов не се смета за класично бегство, бидејќи тој не го прескокнал ѕидот на затворот „Идризово“, туку за оддалечување од затворот, бидејќи просторијата во која бил сместен се наоѓа надвор од зидините на затворот.

Информацијата зошто и кога Спасов бил сместен во ова отворено одделение на затворот треба да ги даде директорот на Идризово, Антонио Димов, но тој не одговара на телефонските повици.

Претходно во редакцијата на Фокус се јави Антонио Стојчевски, претседател на Синдикатот на затворските чувари и администрација на КПУ „Идризово“, кој демантираше дека осуденикот Спасов избегал од затворот Идризово, па се вратил назад.

-Не е точно дека Спасов избегал од Идризово, изјави Стојчевски за „Фокус“.

На прашањето на „Фокус“ тогаш зошто Спасов е во самица, како што информираше директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, тој појаснува дека осуденикот е во самица бидејќи направил инцидент во кругот на затворот, односно го нарушил куќниот ред.

Фокус во текот на целиот ден се обиде неколку пати се обиде да стапи во контакт со директорот на затворот, Антонио Димов, но тој не одговара на нашите телефонски повици.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости