Грчкиот композитор Микис Теодоракис, е еден од лицата на протестот кој се одржа во неделата во Атина против употреба на терминот Македонија во решавање на спорот за името. Тој се истакна со својот националистички говор. Македонскиот режисер Слободан Унковски, пак, на социјалните мрежи објави фотографија од пред дваесет години кога постоела култура на соработка меѓу уметниците од двете земји.
„Кај Теодоракис дома, на тераса со поглед, еднаш порано пред 20 години, кога бевме соседи, пријатели, уметници и европјани. Јас како министер за култура на РМ“, пишува Унковски.
Теодоракис, кој важеше за левичар, сега изгледа ги напуштил своите политички ставови и се преориентирал кон десницата. Тој ги отфрли критиките дека се свртел кон нацинализмот и порача дека неговото учество на протестите е поради одбрана на татковината и на народот.
„Македонија е и секогаш ќе биде грчка. Позицијата на грчкиот народ е цврста и очигледна, но ако владата размислува да стави потпис на договор што го вклучува терминот Македонија, тогаш мора да го праша и грчкиот народ“, порача Теодоракис.