802
Кога те води желбата и упорноста
Триесет и пет годишната Велика Димова е една од ретките која заработува и живее од своето хоби.
Нејзниот интерес за уникатни предмети, љубопитноста да се експериментира со бои и дезени и да се напарви нешто поразлично, го трасирале нејзиниот пат кон пронаоѓање на идеалната професија. Таа веќе извесен период работи во својата работилница ,,Мис Креатив“ која ја отворила во родното Неготино, и созадава оригинални изработки со помош на декоративни салфети.
Во пријатниот амбиент на работилницата, можат да се најдат украсни четки за коса, декорирани со слики од јунаците на Дизни, со цветни дезени, со испишани имиња по желба, миризливи свеќи, свеќи со религиозни теми, шишиња за домашни слави… Вели дека е среќна што нејзиното хоби и станало професија, и што инетересот за нејзините производи расте од ден на ден.
,,По струка сум информатичар и долги години работев во таа област. Но себеси секогаш се доживував на поинаков начин, сакав да творам, да создавам уметност. Започнав дома со изработките, најпрвин само како хоби, бидејќи сум самоука.
Првите творби ми беа во декупаж техника, а потоа се заинтересирав и за витраж“, вели Димова.
Таа објаснува дека декупаж е уметноста на украсување на предмети, најчесто од хартиени исечоци, а од неодамна започнла да работи и со платнени материјали.
„Работам најчесто со салфетна техника, а принципот на работа зависи од предметот на кој се аплицира, односно лепи исечокот. Основата може исто така да биде најразлична, керамика, дрво, стакло, восок, метал, пластика, медијапан…“
Кога те води желбата и упорноста
„Предметите кои што ги изработувам, ги подарував на пријателите, кои што ме охрабрија да започнам сериозно да се позанимавам со моето хоби, но и да се обидам да заработувам од него. Идејата на почетокот ми изгледаше малку недостижна, но сепак решив да пробам. Отворив моја работилница, и ме изненади големиот интерес на потрошувачите.
„Доаѓаат луѓе дури и од страна, кои што сакаат да имаат дома нешто уникатно, се бараат производи по желба, со одредени теми, посебно за домашни слави, разни свеќи, шишиња со икони, но и скасии, свеќници, тањири… За најмалите особено е голем интересот за четки за коса и огледала, бидејќи ги изработувам со нивните омилени јунаци од цртаните филмови, ги персонализирам со нивното име или иницијали, по желба на нарачувачот“, раскажува Велика.
Таа додава дека добивала голем број пораки и нарачки и преку нејзиниот Фејсбук профил, каде што имала прикачено фотографии од производите, а бидејќи интересот бил голем, во изработка била и нејзината официјална интернет страница за продажба на производите.
,,Секој сегмент е рачна изработка, од основната подготовка, на пример саксија, се фарба во основна боја, се лепи избраната апликација, а потоа се лакира во завршна фаза. Процесот може да варира во зависност од материјалот. Веќе една година сум максимално посветена на декупажот, прво рекреативно од дома, а сега веќе и официјално од работилницата. Цените на производите се достапни и се движат од 150, па до 1.200 денари“ , изјави Димова.
Таа е одличен пример за тоа дека желбата и упорноста можат да донесат добри резултати, и дека не мора да изберете професија во која едвај ќе го чекате крајот на работното време. Вели дека сака да ги охрабри сите кои што имаат интересно хоби, да не се двоумат и да си ја пробаат среќата, претворајќи го хобито во исплатлив бизнис и професија, оти да се работи и заработува од тоа што најмногу те исполнува е вистински благослов.
Вики Клинчарова