Унгарија не смеела да протера мигранти во Србија, пресуди Стразбур

by fokus

Судот за човекови права во Стразбур донесе пресуда за случајот со двајца баратели на азил протерани од унгарските власти назад во Србија. Судот смета дека Будимпешта со ова го прекршила членот три од Европската повелба за човекови права.

Судот, меѓутоа, не утврди прекршување од страна на Унгарија во делот што се однесува на условите во транзит зоната.

Илијас и Ахмед од Бангладеш се баратели на азил кои пристигнаа во Унгарија во септември 2015-та преку Србија. Тие побарале азил од унгарските власти и останале 23 дена во транзит зоната на граница.

Во октомври, унгарските власти им ги отфрлија барањата за азил и ги протераа назад во Србија.

Илијас и Ахмед сметаат дека Унгарија не ги разгледала внимателно нивните барања и дека не го земале сериозно предвид ризикот по нивниот интегритетот доколку бидат вратени во Србија. Во истата тужба, двајцата азиланти се жалат и на третманот и условите во кои биле задржани во транзит зоната.

Судот во Стразбур вчера одлучи едногласно дека Унгарија го прекршила членот три на Европската повелба за човекови права кој се однесува на забраната за тортура, но не утврди прекршување на делот кој се однесува на условите во транзит зоната.

Унгарската транзит зона е мета на редовни критики и извештаи од страна на организациите за одбрана на човековите права.

Судот за човекови права оценува дека унгарските власти не ја испочитувале нивната обврска внимателно да ги разгледаат ризиците со кои се соочуваат мигрантите кои се протеруваат назад во Србија, посебно во однос на правото на соодветен пристап до процедурите за азил, како и во однос на ризикот да бидат дополнително протерани назад во Грција. Грција е веќе осудена поради условите во мигрантските кампови.

Што се однесува до условите во транзитниот центар, судот во Стразбур нагласува дека тие таму не биле лишени од слобода, дека доброволно влегле во таа зона и дека нивниот страв од несоодветен пристап до процедурите за азил во Србија не е доволен аргумент за да се поткрепи тврдењето дека не престојувале во транзит зоната доброволно.

Поврзани новости